Амбасадорката на Велика Британија во Република Северна Македонија Н.Е. Рејчел Галовеј вчера го посети Универзитетското радио УГД ФМ, при што одржа средба со вработените на која се разговараше за развојот на медиумите во рамките на УГД и воопшто. На состанокот уште еднаш беше истакната поддршката која Британската амбасада ја дава на универзитетските медиуми и нивниот развој и на универзитетот воопшто. Амбасадата на Британија е вклучена во голем балкански проект во кој преку зајакнување на капацитетите поддржува преку 20-тина медиуми од целиот Балкан, меѓу кои се и медиумите во рамките на УГД (радио, веб, весници и ТВ).
Амбасадорката Галовеј во рамките на својата посета реализираше и интервју за Универзитетското радио и ТВ, при што истакна дека поддршката која меѓународната заедница ја има кон медиумите е сериозна и таа ќе продолжи и во иднина.
- Ние сме многу посветени на поддршката на слободата на медиумите во целиот свет. Тоа беше голема кампања на Владата на Велика Британија. Ова е нешто на што и јас и Амбасадата работиме во последните неколку години. Имаме тесна соработка со новинарите, Здружението на новинари и сметам дека тоа е многу важна работа. За граѓаните да ја добијат транспарентноста и достапот до информации кои им се потребни, треба не само добри и силни национални медиуми, туку и локални медиуми кои известуваат за работи за кои луѓето во локалните средини се интересираат. Тие ги разбираат проблемите на луѓето во локалните заедници. Сметам дека силни и поефективни локални медиуми се витални, не само овде, туку насекаде. Сметам дека ова е област во која треба да продолжиме да работиме заедно. Навистина ми е мило што Универзитетското радио, кое игра многу важна улога да допре до младите луѓе, е една од организациите со кои ќе работиме - истакна во разговорот амбасадорката на Британија, Рејчел Галовеј.
Покрај тоа, беше истакнато дека тие како Амбасада се залагаат и поддржуваат и студенти преку програми во високото образование.
- Нема иднина за државата без добро образование. Толку е едноставно. Навистина сум горда на некои од проектите на кои работевме досега. Продолжуваме и со системот на стипендии. Овде се Шевенинг стипендиите преку кои младите Македонци можат да патуваат во Велика Британија, да магистрираат и да се вратат овде, да ги донесат вештините со кои ги стекнале таму во која било област - истакна Галовеј.
Таа посочи и дека во наредниот период ќе се работи на директна соработка на Амбасадата со универзитетите, преку која соработка ќе може најголемиот бенефит да го имаат студентите. Целосното интервју за универзитетските медиуми погледнете го во видеото.
Галерија