Утре (1 јули 2021 г.) се отвора Електронската платформа за пријавување на новите студенти на УГД. Платформата ќе биде отворена до средината на септември, кога завршуваат сите активности во делот на пријавување и запишување на новите студенти на Универзитет „Гоце Делчев“. Сите кои ќе извршат пријавување на електронската платформа ќе треба да ги достават своите документи во време кога им одговара. Локациите за достава ги има на веб-страницата на УГД.
„Оваа платформа овозможува комплетно интегрирано пријавување и запишување на сите студенти на Универзитетот по електронски пат. Сите активности што студентите ќе сакаат да ги направат во делот на пријавување и запишување ќе можат да се направат електронски. Може да се направи и во физичка форма, доколку ценат дека треба да го сторат тоа, кон крајот на август или во почетокот на септември“, изјави ректорот проф. д-р Блажо Боев на денешната прес-конференција.
Според Конкурсот кој веќе е објавен на УГД, на сите студиски програми има вкупно 4142 слободни места за новите студенти.
„Според статистиката во делот на завршени средношколци ние би можеле да запишеме околу 2000 студенти, со оглед на тоа дека има голем број на високообразовни установи. Ние нудиме солидно образование и јас ги повикувам студентите да ја препознаат својата иднина на УГД во Штип. Универзитетот дава признаени дипломи, не само на ниво на регион, туку и во целиот свет. Сите алатки кои ги имаат универзитетите низ Европа постојат и на овој универзитет“, истакна ректорот на УГД проф. д-р Боев.
И оваа година голем дел од студентите ќе добијат можност да добијат бесплатно студирање во одредена фаза од своите студии, а сите можности за стипендирање и ослободување од партиципација се веќе објавени.
Ректорот на УГД истакна дека најверојатно УГД студиската година ќе ја започне со хибридниот модел, односно вежбите да бидат со физичко присуство, а наставата онлајн, но тоа може да се промени многу бргу зависно од епидемиолошката состојба во државата. Доколку има насоки да се овозможи физичка настава, УГД ќе биде подготвен. Целосната прес-конференција можете да ја погледнете на видеото во продолжение: