УГД останува на онлајн настава во непарниот семестар 2021/2022

Ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип донесе Одлука за подготовка за организирање на онлајн настава во претстојниот непарен семестар од академската 2021/2022 година.

Ректорската управа ја донесе  оваа Одлука врз основа на анализата направена за време на изминатите семестри од кога започна спроведувањето на онлајн наставата, моменталната ситуација со пандемијата и препораките од надлежните институции. Од почетокот на пандемијатапа до крајот на парен семестар 2021 година сите активности се одвиваа онлајн, преку платформата Microsoft teams, а УГД беше издвоен и како Универзитет кој најбргу се приспособи на потребите кои ги наметна ситуацијата.

Моменталната ситуација со пандемијата покажува зголемување на бројот на новозаразени, ширење на сој којшто е позаразен од претходните, а и бројот на млади вакцинирани е на незабележително ниво, со што не се дава надеж дека бргу би можеле да се вратиме во предавалните. Во Одлуката исто така стои: „УГД не може со сигурност да предвиди кога повторно ќе можеме да функционираме нормално, но затоа можеме со навремено планирање и дисциплинирано следење на препораките и задолжувањата да бидеме подобро подготвени за наредниот непарен семестар 2021/2022 година“.

Ректорската управа дефинираше и конкретни активности со зададени рокови, кои треба да се преземат и завршат до почетокот на семестарот и ги опфаќаат состојбата со учебници, наставата на Microsoft teams, распоредот за онлајн предавања, следењето на спроведувањето на онлајн наставата, онлајн полагања на колоквиуми преку е-учење, покриеноста на студиските програми, списоци со студенти за нареден семестар и отворање на курсеви на Microsoft teams и анкета на наставно-научниот кадар и студенти за онлајн работење.

Инаку, во зависност од препораките од релевантни институции, Универзитетот ќе организира настава и други активности во објектите на Универзитетот со дополнително изработени сигурносни протоколи за работа.

Врз основа на ова, УГД наставата за непарен семестар 2021/2022 година ќе се спроведува:

- Теоретската настава, односно предавањата, индивидуалната настава и другите облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа) да се спроведуваат онлајн според утврдени распореди од единиците на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

- Практичната настава (вежбите, лабораториски, клинички) ќе се одвиваат КОМБИНИРАНО (онлајн и со физичко присуство во склад со здравствените протоколи) во зависност од спецификата на наставната дисциплина и бројот на студентите во лабораториите и објектите на Универзитетотспоред утврдени распореди од единиците на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

 - За одржување на испитите, колоквиумите и другите форми на континуирана проверка, ФАКУЛТЕТИТЕ ЌЕ ИЗРАЗАТ СТАВ за начините на спроведување на истите. Постојат две опции за спроведување на овие активности – онлајн или со физичко присуство. Активностите организирани со физичко присуство мора да бидат со следење на сите заштитни мерки и моменталните ограничувања на ниво на држава и да биде организирано во помали групи и на временско растојание. Ова не се однесува на странските студенти.

- Испитите, колоквиумите и другите форми на континуирана проверка на знаењето и одбраната на дипломски, магистерски и докторски трудови за СТРАНСКИТЕ СТУДЕНТИ ќе се одржуваат ОНЛАЈН.

- Одбраните на дипломски, магистерски и докторски трудови може да се спроведуваат КОМБИНИРАНО (онлајн или со физичко присуство) во зависност од периодот и моменталните ограничувања на ниво на држава и тоа само во присуство на членови на комисија, кандидатот и еден или двајца придружници. Начинот на одржување на одбраните да се дефинира во координација со ментор, кандидат и членови на комисија.

Последен пат изменето на Среда, 18 Август 2021 10:54
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…