Потпишан Договор за соработка помеѓу УГД и ТИРЗ

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони воспоставуваат потесна соработка, врз основа на Договорот за соработка кој во Штип го потпишаа ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

- Ова е прв чекор кон отворање на нови можности и перспективи за младите луѓе во државата, доволно се зборуваше во изминатиот период што е тоа што треба да се направи за младите за да се обидеме да ги задржиме како држава и да им обезбедиме пристојни, добри, европски услови за живеење тука. Еден од начините секако е да отвориме перспектива за стабилни работни места и она што е многу важно, добро платени работни места. Меморандумот не е крајното решение, но е добар чекор во тој правец, ќе продолжиме и со останатите и државни и приватни универзитети да развиваме ваква соработка, меѓутоа благодарност до УГД и за иницијативата да бидат први со кои ќе воспоставиме соработка. Соработката подразбира заеднички да работиме на отворање на можности за практична работа за студентите, стекнување на вештини, второ да искомуницираме за сите можности кои стојат на располагање, бидејќи пред нас се нови инвестиции, од почетокот на годината се реализирани во вредност од над 120 милиони евра, кои треба да отворат близу 2000 работни места, а инсистираме и работиме на тоа платите на тие работни места да се над просекот во државата и тие можности треба да им се понудат на младите тука, на сите студенти кои се на УГД. Нормално, размислуваме и како факултетите, академската заедница да се вклучат повеќе во компаниите во зоните, бидејќи се меѓународни компании. Настојуваме, со дел од новите мерки кои ги воведуваме, тие компании да донесат научноистражувачки активности тука, а со тоа и универзитетите во државата ќе имаат можност да добијат парче од колачот што се создава во зоните. Зоните учествуваат со близу 50% во вкупниот извоз, така што има многу можности за соработка – изјави директорот на ТИРЗ, Деспотовски.

По потпишувањето на Меморандумот, ректорот Боев изјави:     

- Имаме допирни точки во соработката со ТИРЗ и затоа потпишавме Меморандум за соработка за да можеме на нашите студенти да им овозможиме влез во компаниите во овие зони, кои се генератор во развојот во Македонија и мислам дека доминантниот дел од приходите во државата се реализира таму. Затоа мислам дека е многу важно Универзитетот да соработува со ТИРЗ за да можеме на нашите студенти да им овозможиме влез и работа во тие компании, и да најдат не само вработување, туку и да добијат солидни плати со кои солидно ќе се живее и развива едно семејство и младите да можат иднината да си ја најдат овде.

Последен пат изменето на Петок, 27 Август 2021 19:32
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…