- Има околу 4100 слободни места за сите заинтересирани средношколци. Оваа година станува збор за нови реакредитирани студиски програми. Има вкупно 70-тина и се направени поатрактивни за новите средношколци - изјави проректорот проф. д-р Мишко Џидров на прес-конференција.
И оваа година интересот е најголем за медицина, но има и за останатите факултети, а уписите се направени на начин да им одговараат на студентите и да се почитуваат сите здравствени протоколи.
- Уписите се одвиваат според сите протоколи и во најдобар ред. Веќе има голем број студенти кои електронски се пријавиле за студирање, а очекуваме истите да ги донесат своите документи на отворените пунктови или пак на кое било место каде што Универзитетот има свои канцеларии. Оваа година, како и секоја, најголем е интересот за Факултетот за медицински науки, но интересно е што има голем интерес и за техничките факултети – Машински, Електро, ФПТН... - изјави раководителот на Студентска служба, Димитар Љуботенски.
Голем дел од студентите кои ги затекнавме таму се студенти кои ќе се запишуваат на Факултетот за медицински науки и некои од нив велат дека овој факултет е многу популарен меѓу средношколците.
Универзитетот „Гоце Делчев“ и оваа година обезбедува преку 200 партиципации за најдобрите кандидати кои ќе бидат рангирани во прва година. Воедно од партиципација во прва година ќе бидат ослободени студентите од ромска националност, а Филолошкиот факултет ќе ги ослободи од партиципација во прва година сите кои ќе се запишат на насоката Македонски јазик и книжевност. Ослободени од плаќање партиципација ќе бидат и сите студенти кои ќе бидат дел од спортските клубови и екипи на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Галерија