-Вечерва имаме еден извонреден концерт и особена чест двајца музичари кои доаѓаат од Унгарија да музицираат пред нас. Двајцата музичари имаат различен бекграунд. Миклош Лукач е класично трениран на неговиот инструмент цимбал, инаку традиционален унгарски инструмент. Пред пет дена настапуваше на Берлинскиот фестивал, пред две недели имаше настап, премиера на ново дело во Тел Авив со Израелската филхармонија. Двајцата постојано патуваат по светот, вчера имаа настап во Софија, со една минитурнеја, и денеска е единствениот настап во Македонија, тука, на нашиот Универзитет. Нивната музика е мешавина од современ џез и традиционална унгарска музика.
Михаљ Дреш е еден од водечките саксофонисти и џез музичари на актуелната унгарска сцена. Неговата автентичност во музиката произлегува од умешноста со која комбинира примеси на американски фри-џез стил и традиционална унгарска фолк музика. Од оваа комбинација Дреш има направено неверојатно добри парчиња на модерна музика и има настапувано на реномирани џез фестивали низ светот, вклучувајќи го реномираниот Лондонски џез фестивал.
Миклош Лукаш е еден од најпознатите изведувачи на цимбал. Неговиот уникатен стил црпи инспирација од современата класична музика, изворната унгарска музика, како и музиката од Балканот и секако од џезот. Има настапувано со многу светски познати џез музичари, а како солист има настапувано и со повеќе врвни оркестри. Успехот на Лукаш е и како активен композитор на музика за претстави, оркестри, соло парчиња и концерти за цимбал.