Промовирана првата универзитетска телевизија во Македонија – УГД ТВ

Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и заменикот-министерот за образование Спиро Ристовски го означија почетокот на работа на студиото на Универзитетската телевизија „УГД ТВ“. Ректорот Боев истакна дека оваа универзитетска телевизија ќе работи во интерес на сите студенти, во поглед на нивна подобра информираност, од друга страна и подобра презентација на тоа што работат професорите во истражувањето, едукацијата и наукaта:

- Оваа телевизија е еден значаен исчекор во поглед на тоа да бидеме транспарентни до крајни граници во тоа што го работиме, не само за студентите во Штип, туку и за сите студенти во дисперзираните центри. Со овој потег до крајни граници излеговме во пресрет на она што треба да го работат студентите, она што треба да го живеат како студентски живот, во поглед на нивната афирмација, да бидат модерни и препознатливи, и мислам дека ќе продолжиме во оваа насока на градење на инфраструктура на Универзитетот која ќе биде во интерес на подобро студирање, на подобро образование и подобри компетенции кои студентите треба да ги стекнат во текот на нивното студирање за да можат подобро да се снајдат во животот, односно да ја постигнеме основната цел, а тоа е да извадиме генерации кои ќе бидат способни да се најдат на пазарот на работна рака без да се срамиме од нив, без тоа да го правиме на некој начин кој не прилега на времето. Ние како Универзитет секогаш одиме во насока на тоа да правиме нешто што прилега на времето и мислиме дека сѐ што правиме прилега на времето во коешто живееме. Студентите не треба да се срамат од она што го прават на УГД и ние сме во целост задоволни од тоа какви студенти имаме.

Заменик-министерот Ристовски изрази задоволство од реализацијата на идејата за универзитетска телевизија, на која ќе се емитуваат исклучиво едукативни и научноистражувачки содржини и ќе биде во насока на информирање на студентите од сите делови на Универзитетот „Гоце Делчев“. Студиото и телевизијата ќе бидат и место каде што студентите од студиската програма Новинарство и од

Филмската академија ќе можат да добиваат и практични знаења:

- Навистина сум презадоволен од она што го гледам како реализиран процес досега. Пред извесно време кога разговаравме со актуелниот и претходниот ректор сѐ беше во форма на идеја, но морам да кажам дека ова што денеска го гледам е реализација на една исклучителна активност, една одлична подготовка на Универзитетот, со што се создава можност отсега па натаму, покрај интернет објавите и радиото кое го има Универзитетот, УГД ќе има и своја телевизија на којашто ќе се емитуваат едукативни и научноистражувачки содржини, ќе биде во насока на информирање на сите студенти, не само на оние кои се во рамки на кампусите кои егзистираат во Штип, туку и во сите дисперзирани делови на Универзитетот, што е од исклучително значење. Станува збор за најквалитетно опремено ТВ студио во кое ќе работат професионалци, а на мое лично задоволство, студиото ќе биде користено и за практична настава за студентите од одделот за новинарство, а секако и за студентите од Филмската академија. Навистина ова е еден крупен исчекор, една модерна телевизија, но истовремено и модерна лабораторија во рамки на која ќе се спроведуваат сите научноистражувачки проекти од соодветната област и би апелирал и другите високообразовни установи во РМ да го следат примерот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во насока на инвестирање и развој на целокупната инфраструктура на Универзитет.

Ректорот Боев најави дека во текот на оваа година УГД ТВ ќе реализира серија емисии со кои ќе биде претставена научноистражувачката работа што се реализира во рамките на УГД, проектите кои професорите и асистентите од Универзитетот ги реализираат преку фондот за наука, а ќе се направат и проектни активности за емисии кои ќе говорат за студентскиот живот и студентските активности, кои ќе можат да ги реализираат и студентите:

- Прва активност што можам да ја најавам е дека во рамките на фондот за наука на УГД функционираат 53 проекти што ги финансира Универзитетот и за сите тие проекти ќе се направат посебни емисии кои ќе покажат што работат истражувачите, да се претстават нивните резултати, да се направат комплетни едукативни емисии и сите наши студенти ќе можат да видат што се работи во поглед на науката на УГД. Од друга страна, ќе се направат проектни активности и проекти за работа на студентскиот живот и студентските активности, тоа ќе бидат посебни делови на студентите, кои ќе се артикулираат овде со нивните потреби, знаења и умеења, и тоа пред сѐ со студентите на новинарство и на Филмската академија, но и од Музичката академија и другите факултети кои имаат интерес да претстават што работат и што имаат намера да работат на Универзитетот.

 

Последен пат изменето на Петок, 29 Јануари 2016 15:30
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…