Со трибина одбележани 73 години од депортацијата на Евреите од Штип

Правниот факултет при УГД по повод 73 години од депортацијата на штипските Евреи организираше трибина со студентите, професорите и претставници од Еврејската заедница.

 

Иако е тажен ден за Штип и градовите каде што живееја наши сограѓани коишто се откорнати и исчезнати од она што претставува Македонија, сепак денес во организација на УГД се обидуваме да не се заборави овој ден. Организираме настан преку кој студентите и средношколците ќе се потсетат на еден од најозлогласените и најтрогателните настани во човековата историја. Денешната трибина е посветена на нашите сограѓани на кои ќе им оддадеме една скромна почитистакна проректорот за настава проф. д-р Кирил Барбареев.

Гостите кои беа присутни исто така го поздравија и го поддржаа овој настан. Од Институтот за национална историја на Македонија потсетија што се случувало на денешен ден.

131 фамилија од овој град се отселени утрото на 11 март и насилно испратени во поранешниот монопол за тутун во Скопје од каде што на 25 април 1943 година со транспортен вагон 2.400 луѓе се депортирани во германскиот нацистички концентрационен логор во Треблинка, Полска. За жал, од таму ниту еден не се вратил,  истакна Александар Манојловски од Институтот за национална историја на Македонија.

На трибината имаше и претставници од Евреите кои го истакнаа значењето на ваквите трибини и на раскажувањето на приказните со цел да останат како траен спомен.

Нам ни е многу драго што токму на денешен ден, на 73 години од депортацијата на македонските Евреи од Битола, Скопје и Штип. Имаме чест денес да бидеме дел од оваа комеморативна трибина која е посветена токму на штипските Евреи. Моето излагање е повеќе посветено на тоа што значи комеморација и за нас како евреи и за граѓаните. Ние претставуваме нова генерација која е мост меѓу преживеаните и новите генерации. Од нашето прераскажување ќе зависи и нашата иднина, вели Маја Суша од Меморијалниот центар на холокаустот на евреите од Македонија.

Трибината се одржа на Правниот факултет, а беше во организација на Центарот за правно-политички истражувања. Покрај трибината претставници од УГД и останати официјални лица положија цвеќе на споменикот на Евреите во центарот на градот.

Последен пат изменето на Среда, 16 Март 2016 11:35
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…