1. УГД од неодамна воведе нов сервис за реализирање на финансиските плаќања, за што точно се работи?
Ристе Тимовски: Универзитетот во континуитет се грижи за постојано подобрување на е-услугите кон студентите во сите можни аспекти, со постојана оптимизација на ИТ инфраструктурата и сервисите кои истата ги поддржува. Во тој контекст, во склоп на електронскиот индекс, покрај досега можните начини за плаќање на сите услуги на студентите (прв циклус, втор циклус на студии) - класично плаќање преку институции за ПП, плаќање преку е-комерција (со платежна картичка директно во е-индекс) и плаќање за административна такса преку СМС (енапсис), сега е возможно плаќањето да се реализира готовински (кеш), во наменски терминали поставени во рамките на Универзитетот. Како имплементатор на овој сервис се јавува Одделот за електронски индекс (во корелација со ИТ центарот на Универзитетот).
2. Кои финансиски плаќања конкретно можат да се вршат со користење на оваа услуга?
Илија Лазаревски: Студентите можат да го користат овој начин за плаќање на сите услуги на Универзитетот. Во овој момент, системот е адаптиран за прв циклус на студии, а за многу скоро истиот ќе биде функционален и за втор циклус на студии. Дополнително, преку овие терминали, било кој краен корисник може да прави плаќања и кон други даватели на услуги (мобилни оператори, осигурителни компании итн. (повеќе на https://paynet.mk).
3. Дали овој сервис ги намалува трошоците на студентите?
Ристе Тимовски: Една од долгорочните стратешки цели на Универзитетот е достапноста на своите услуги кон студентите да биде максимална во секоја смисла. Во тој правец, оваа услуга е обезбедена со минимална провизија (транспарентно изложена на терминалите) за секое плаќање од страна на студентите, која е иста со провизијата за плаќање преку системот за е-комерција. Ова секако уште посилно ја поддржува политиката на институцијата „студентот во центарот на вниманието“, затоа што комплексните анализи кои Универзитетот ги реализираше, а во однос на заштедата која им е обезбедена на студентите со воведување на овие системи (е-комерција, е-напсис) во корелација со евентуалната уплата на сите уплати наназад преку институциите на платен промет укажуваат на суми во десетина милиони денари.
4. Кои други бенефиции студентите ќе ги имаат со користењето на овој начин на плаќање?
Илија Лазаревски: Освен ниската провизија на плаќање, бенефитот на студентот е мултикратен: едноставен и транспарентен начин на плаќање, процесирање на средствата во електронскиот индекс и нивно користење во истиот момент, нулта влијание на човечки фактор во процесот на плаќање, достапност 24/7/365, можност за плаќање во готовина на лице место, односно во просториите на Универзитетот (плаќање и реализација на услугата на едно место во исто време).
5. Помина извесно време откако е пуштена во употреба новата услуга за плаќање, какви се реакциите, дали студентите се задоволни од новиот сервис на УГД?
Драган Јованоски: Првичните реакции кои одделот за електронски индекс ги има во секојдневната комуникација со студентите, увидот во процентот на користење на оваа новина во корелација со вкупните плаќања од страна на студентите, како и спроведената е-анкета (за вкупните е-услуги на УГД) со релативно голем одзив укажува на големо задоволство од страна на студентите. Особено мотивираат моментите кога позитивната критика доаѓа од лица / студенти од други институции, образовни или јавни од друг карактер, кои во сите чекори кои УГД ги презема ќе ја препознаат и својата иднина, а што за нас како институција е мотив уште посилно да работиме на подобрување на квалитетот на своите услуги.