(Видео) УГД прослави девет години од своето постоење

Со свечена седница на Универзитетскиот сенат и со промоција на почесен доктор на науки УГД го продолжи одбележувањето на девет години од своето постоење. На свечената седница во својот говори одржаа ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Во својот говор ректорот Боев истакна дека овој Универзитет во централното место ги става своите студенти и им порача на нив да ја употребат својата имагинација само така ќе стигнат насекаде во универзумот.

Краток е периодот за еден универзитет, но за УГД ова е исклучително плоден период. Се формираше универзитет со сите атрибути на модерен универзитет, нешто со што треба да се гордееме. Многу е тешко да се сумираат резултатите во овие девет години. Тоа е период на изградба на Универзитетот и на изготвување на програмите и воведувањето во науката. Наредните планови на УГД се јасни. Тоа се студентите и нивниот квалитет на образование. Ние нема да се изместиме од тој план. Постоиме за студентите, за нив работиме и за нивното квалитетно образование. Студентите треба сѐ повеќе да го менуваат својот однос кон светот благодарејќи на нашите квалитетни образовни програми, кои во себе мора да ги вклучат и предизвиците на иднината и промените кои таа ќе ги донесе истакна ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски посочи дека ова е најбрзо растечкиот универзитет во Македонија, со голем број студенти, со што уште еднаш се потврдува причината за неговото постоење.

Ми претставува особено задоволство што денес сум овде. Станува збор за еден од најбрзо растечките, ако не и најбрзо растечки универзитет во Република Македонија. Кога Владата ја донесе одлуката за формирање на овој Универзитет беше проследена со голема скепса и негативни оценки околу потребата, но девет години потоа можам да констатирам дека тоа беше една од најправилно донесените одлуки. Одлука која помогна за дополнителен развој на градот Штип и на целокупниот регион. Можам да констатирам дека УГД во последните неколку години се карактеризира како еден од универзитетите што воведува континуирано иновативни наставно-научни програми, отвора нови катедри кои се од исклучително значење, а некои се единствени од ваков тип. Ваквиот развој може да придонесе за уште поголемо ниво на квалитет на високото образование во Република Македонијарече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

На прославата им беа доделени и стипендиите на студентите на УГД, а на најдобрите студенти од различни факултети им беа доделени признанија за успех. Проф. д-р Јерг Елзенбах на прославата свечено беше прогласен за почесен доктор на науки. Признание за придонесот за изградбата и поставувањето на темелите на овој Универзитет доби и првиот ректор проф. д-р Саша Митрев.

Се надевам дека успеавме да го поставиме Универзитетот на здрави темели. Поставивме систем кој нема да зависи од желбата на само еден човек и ќе се развива во иднина. Не се сомневам дека овој Универзитет за кратко време ќе стане најдобар во Македонија истакна првиот ректор на УГД проф. д-р Саша Митрев.

Признанија и благодарници добија и многу професори, студенти и претставници од бизнис секторот со кој УГД има соработка. Одбележувањето на годишнината завршува со велосипедска трка која ќе стартува од Плоштадот „Слобода“ во Штип во недела (27.3.2016) во 11 часот.

Последен пат изменето на Понеделник, 28 Март 2016 21:04
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…