Студенти на Правен факултет дебатираа за говор на омраза

Центарот за правно и политичко истражување при Правниот факултет на УГД организираше уште една од серијата дебати на тема „Говор на омраза на интернет“.

Се работи за работилница посветена на говорот на омраза, а ја реализираме заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје и заедно со студенти кои претходно веќе беа на подготовки минатата година, како дела од други работилници, а денеска имаат улога на обучувачи. Можеби темата го има погодено токму терминот, односно актуелноста овие денови, со оглед на протестите што се случуваат и би сакал да упатам апел до јавните личности, новинарите, политичарите, да внимаваат во нивните конкретни чекори кои ги преземаат и изјавите што ги даваат, кои може да генерираат говор на омраза. Знаеме дека говорот на омраза може да предизвика и криминал од омраза што не би било добро за идниот развој на севкупното македонско општество. Фокусот на оваа работилница е на младите категории да го препознаат говорот на омраза и  да укажуваат и делуваат во средината со цел да придонесуваат вакви девијантни појави да не се случуваат – изјави доц. д-р Страшко Стојановски, раководител на Центарот за правно и политичко истражување, додавајќи дека, за жал, истражувањата покажуваат дека расте говорот на омраза во последно време.

 

 

На работилницата студентите презентираа примери од говор на омраза на социјалните мрежи, на интернет. Еден од двајцата студенти беше и Никола Лазаревски, студент во четврта година на Правниот факултет:

- Денеска со мојот колега имаме задача на средношколците и студентите од прва година да им покажеме и да ги научиме како да препознаат говор на омраза, поточно говор на омраза на интернет и како да може да се справат и да не го применуваат - изјави Николовски.

- Екстремни примери на говор на омраза во последно време се забележуваат во врска со актуелната политичка ситуација и многу често социјалните мрежи знаат да експлодираат од говор на омраза и често тоа преминува во екстремни ситуации. Во оваа политичка криза и моменталната ситуација се забележува и намалување на говорот на омраза по етничка основа, а тој во минатото беше многу присутен, но се појавуваат и нови видови говор на омраза – вели Александар Симонов, студент на Правен факултет и член на Центарот за правно и политичко истражување.

Последен пат изменето на Петок, 22 Април 2016 09:08
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…