- Во соработка со УГД организираме Отворен ден за студентите, на кој тие ќе добијат информации за програмата Еразмус плус која им нуди мобилност на студентите на универзитетите во земји од ЕУ и за можности што ги нуди агенцијата во останатите програми. Соработката со УГД е на високо ниво со секојдневна соработка и комуникација и сме исклучително задоволни од имплементацијата на програмата Еразмус плус на Универзитетот „Гоце Делчев“. Нѐ радува што бројките на студенти и стручен кадар кои заминуваат на размена константно се зголемуваат, дури дополнително нѐ охрабрува и фактот дека веќе имаме и инкаминг, односно влезни студенти од земјите на ЕУ кои доаѓаат на УГД, што е исклучително важно за Р. Македонија, бидејќи на тој начин се остварува двострана комуникација. Покрај тоа што нашите студенти одат на реномирани универзитети во земјите од ЕУ, доаѓаат и студенти од тие земји да го остварат своето образование на УГД. Досега од УГД на Еразмус размена заминале повеќе од 50 студенти, а се пријавиле и нови на најновиот повик, за еден месец ќе бидат доделени и новите грантови, а важно е дека оваа програма е отворена и за стручниот кадар – професори, наставнички и административен кадар кој може да ја користи програмата. Ги охрабруваме сите студенти кои имаат желба да поминат дел од своите студии надвор од државата, да се пријават. Она што е, исто така, важно е дека веќе Националната агенција обезбеди и таканаречени плејсменти или стажирања за студентите, така што сите студенти по втората година ќе можат да конкурираат и за мобилност за стажирање во странски компании. Ние веќе воспоставуваме врски со странските компании кои имаат потреба од стажанти и истите информации ги доставуваме до универзитетите, така што оваа година очекуваме да имаме и стажирање од студентите преку програмата Еразмус плус – изјави Димитров.
М-р Сања Стефанова, раководител на Центарот за меѓууниверзитетска соработка на УГД, изјави:
- Во последната година програмата Еразмус плус успешно се реализира на УГД. Досега околу 50 студенти заминаа на европските универзитети, а оваа програма планираме да ја прошириме, еве и преку вакви отворени денови. Студентите од сите факултети на УГД имаат можност да аплицираат и очекуваме бројката да се зголеми. Ние ја ребрендиравме нашата веб-страница, каде што ги поставивме условите за аплицирање, поставени се информации за сите партнерски универзитети каде што можат студентите да аплицираат и да ја остварат својата мобилност. Ги мотивирам и охрабрувам сите студенти, на крајот од мај ќе го објавиме новиот повик за Еразмус плус, па сите можат да се информираат и во нашата канцеларија, независно дали станува збор за мобилност во текот на еден семестар или цела година, или пак пракса на студентите. Најголем интерес досега има од студентите од Факултетот за информатика и Факултетот за медицински науки, но има и од другите факултети. Битно е да се истакне дека повиците се отворени и за студентите на втор и на трет циклус студии.
На Отворениот ден на програмата Еразмус плус присуствуваа и своите искуства ги пренесоа и дел од студентите кои престојувале на размена во некоја од европските држави, но и студенти од Европа кои престојуваат на УГД.