Работилницата ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на УГД, во среда (11 ноември) со почеток во 12 часот и е наменета за студентите од Одделот за џез на Музичката академија, но ќе биде отворена и за јавноста и сите заинтересирани ќе можат да ја следат.
Љубителите на џез музиката ќе имаат можност да го проследат и концертниот настап на овие извонредни музичари закажан истиот ден со почеток во 20 часот во Мултимедијалниот центар.
Михаљ Дреш е еден од водечките саксофонисти и џез музичари на актуелната унгарска сцена. Неговата автентичност во музиката произлегува од умешноста со која комбинира примеси на американски фри џез стил и традиционална унгарска фолк музика. Од оваа комбинација Дреш има направено неверојатно добри парчиња на модерна музика и има настапувано на реномирани џез фестивали низ светот, вклучувајќи го реномираниот Лондонски џез фестивал.
Миклош Лукаш е еден од најпознатите изведувачи на цимбал. Неговиот уникатен стил црпи инспирација од современата класична музика, изворната унгарска музика, како и музиката од Балканот и секако од џезот. Има настапувано со многу светски познати џез музичари, а како солист има настапувано и со повеќе врвни оркестри. Успехот на Лукаш е и како активен композитор на музика за претстави, оркестри, соло парчиња и концерти за цимбал.