Теориските истражувања во полето на семантиката и менталитетот на книжевните ликови се добра основа за поттикнување на поголема креативност кај студентите – идни наставници при креирањето на наставниот час, а од друга страна се супстрат за создавање таква наставна методологија која ќе овозможи стекнување соодветни генерички и предметно-специфични компетенции кај студентите и постигнување соодветни емотивно-сознајни цели кај учениците. Во проектот ќе бидат вклучени одреден број студенти од трета и четврта година од Филолошкиот факултет при УГД, а целна група на истражувањето, покрај студентите, ќе бидат и учениците од гимназиските паралелки во Штип.
Преку откривањето на семиолошките аспекти на книжевниот лик низ примери од македонската проза и низ откривањето на елементите на традицијата, како белег на менталитетот врз примери од раскажувачката проза во јужнословенските литератури ќе се истражува и потребата од анализа на постојните наставни програми по предметот Македонски јазик и литература и нивно дополнување/изменување во согласност со потребите за оспособување на учениците за попродлабочено навлегување и разбирање на суштината на книжевниот текст.
Овој проект има две главни цели: да ја истражи функцијата на литературологијата и културологијата како важни компоненти во образованието на студентите на филолошките факултети, како и да ја истражи и да ја докаже нивната улога во високото образование како основа за создавање функционални методички постапки за остварување на генеричките и особено предметно-специфичните компетенции на студентите, идни наставници по предметот Македонски јазик и литература.
Повеќе информации за проектот може да се прочитаат на овој линк