Барбареев за Факултети.мк вели дека името на блогот е ЕВРИТМИЈА.
- Втемелувач на тој израз е Рудолф Штајнер, или попознат како Валдорф Педагогија.Тоа е начин на убава и добра хармонизација на поедините делови во една целина, уметност на движење. Блогот е посветен на педагогијата која всушност е практично школување на волјата, која го поттикнува индивидуалниот сензибилитет, затоа според некои автори подучувањето е највисок облик на уметност. Бидејќи е пред сè личносен персонален. Добар учител е оној кој постојано инспирира, и го открива најдоброто од секој поединец. На блогот ги споделелувам работите и искуствата до кој сум дошол, литературата која ја среќавам во текот на работата. Блогот е посветен и наменет за секој оној кој го интересира педагогијата како основа, преобразба, градба за повеќе, за повисоко, за повредно, за убавото во професијата. Според Ајнштајн, Сите сме на истото дрво. Сите науки, религии, уметности, култури. Ние сме гранки на едно исто дрво, и тоа е сè од човекот“ - вели Барбареев.
Факултети.мк: На блогот може да се најдат ваши записи, обработени текстови на тема педагогија и воспитување на деца, видеа од ваши гостувања како професор од оваа област. Како ќе го развивате блогот во иднина?
- Блогот во моментот го следат околу 20 000 луѓе, интересот постојано расте. Секојдневно добивам многу коментари од наставници, студенти, колеги, граѓани од други професии. Не очекував дека интересот ќе биде толку голем. Планирам во следниот период блогот да прерасне во портал кој ќе се бави со повеќе теми од педагогијата, на кој ќе се вклучат и други колеги, со цел да се создаде мрежа на искуства кои ќе се споделуваат, корисна литература, видеа, аудио... Се обидувам преку блогот да дадам и поинаков поглед на воспитно-образовниот систем. Длабоко сум убеден дека воспитно-образовните проблеми не можат, да се решат со стандардизирани едноставни решенија, бидејќи се дел од еден комплексен, општествен, личен и интерактивен процес.
Денеска учителите се исправени пред многу дилеми и предизвици. Какви треба всушност да бидат наставниците во 21 век?
- Силно ја застапувам тезата на проф. David L. Brierley дека една од најважните задачи на образованието е да укаже на емоциите. Во англискиот јазик има еден израз „I am moved“ (ме допре во срцето). Кога тоа ќе го кажете значи дека сте доживеале искуство и нема да го заборавите после три дена. Значи, ако учителот ве „допре до срцето“ тогаш ученикот се наоѓа во фаза на раст и напредува. Целото тело учи и памти. Кога нешто ќе те допре во срцето стануваме воодушевени, возбудени, разиграни. Фокусирани сме и сакаме уште, а всушност тоа е задачата на учителот – да поттикне, да инспирира во нас желба за учење. Занесот се поврзува со внатрешната топлина. Тоа е за мене учителот.
Факултети.мк: Често патувате и во други земји каде се запознавате со системите на образование и педагогијата. Постои ли совршен систем, какви треба да бидат неговите карактеристики?
- Не постои држава која не е барем малку или исклучително незадоволна од квалитетот на својот образовен систем. Еден од најзначајните проекти кој имал за цел да развие модел за образованието во 21 век е проектот „Образование за иднината“ (Schooling for tomorrow). Развиени се неколку сценарија, експертите започнале програма која има за цел градење на рамка и алатки за алтернативно и стратешко размислување за иднината на образованието. Постојат различни концепти, во моментот се развива и доминира концептот на пазарот на труд. Тоа е концепт кој веќе го преобликува образованието на сите нивоа, ја менува парадигмата, и така создаваат институции кои се сè повеќе популарни, богати и општествено прифатливи, тоа носи иновативност и динамичност, но исто така и голема нерамноправност и маргинализација. Она кое е црно сценарио е крај на училиштето и крах на образовните системи. Ова ќе започне во оној момент кога системот ќе иницира проблеми и криза во наставничката професија, недостаток на квалитетен кадар, наставници незадоволни од условите за работа и сè поголем одлив на наставниците во други атрактивни дејности. Од друга страна најпосакуваниот концепт на образование е кога образовните институции ќе станат како основни центри на општеството. Училишта без ѕидови, отворени за соработка со локалната заедница, со која ги делат задачите и одговорноста. Особено се нагласува неформалното и информалното учење на колективните задачи и интергенерациската соработка. Висок квалитет на јавна поддршка кој треба да генерира квалитет, учителите во овој модел имаат големо почитување и голема доверба.
Факултети.мк: Родителите денес на Интернет може исто така да прочитаат безброј совети за тоа како се воспитува дете и кои се нивните најголеми грешки. Сметате ли дека денеска премногу се анализира една од најтешките задачи - како да се биде добар родител?
- Одамна е кажано дека двете најтешки работи на светот се добро да управуваш со државата и добро да се воспитува детето. Живееме во едно забрзано време во кое дури и улогите во семејството се распаѓаат. Многу е потешко денес да се воспитува и образува детето отколку порано заради многу фактори, пред сè социјално-економски. Затоа мислам дека стручната јавност, факултетите од општествените и хуманистички науки каде постојат предметните програми од семејна педагогија треба да влијаат во развивањето и подигањето на родителските вештини. Како родителите да бидат уште подобри во воспитувањето? Како да воспоставуваат квалитетен однос со децата, како да се реагира во специфични околности во одредена возраст на детето, како да се користи дома компјутерот и ТВ,...како да го критикуваат детето, како да го казнат, како да го наградат, а при тоа да не се развиваат покорни, фрустрирани, агресивни, исплашени деца. Оттука сметам дека е потребно стручната јавност да ја зајакне интеракцијата со семејствата, а целта е создавање на здрави личности.
Преземено од: Интервју со Кирил Барбареев: АКО УЧИТЕЛОТ „ДОПРЕ ДО СРЦЕТО“, УЧЕНИКОТ СЕ НАОЃА ВО ФАЗА НА РАСТ И НАПРЕДУВА