Раководител на проектот беше проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска, која смета дека овој проект е од извонредна важност и во иднина ќе се надградува и може да прерасне во една летна школа.
Осум недели трае курсот. Ова е нешто кое за првпат како пилот-студија е направено во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ и Меѓународната агенција за атомска енергија. Универзитетскиот институт за позитронска емисиона томографија е повеќе вклучен во делот на практичната обука на овие учесници на тренинг курсот и на тој начин сакаме да добиеме една целосна слика, бидејќи оваа програма е помината на Сенатот на УГД и како резултат на тоа остава простор за евентуално скорешно потпишување на двоен договор за соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија. Курсот го посети и раководителот на Одделот за техничка соработка со Европа од Меѓународната агенција за атомска енергија и тој момент остава простор за соработка, со тоа што нашиот Универзитет заедно со ПЕТ центарот овој тренинг го издигна во една летна школа. Се надевам дека веќе од наредната година УГД и ПЕТ центарот ќе станат една точка препознатлива во едукацијата од ваков вид, што не значи дека понатаму не треба да размислуваме и за некои други видови на соработка. Имаме повеќе предавачи и професори од европските држави, исто и од нашиот Универзитет, па и стручњаци од државата, и ова веќе станува нешто што е препознатливо и по квалитет и дава гаранција дека соработката и реализацијата на вакви проекти е успешна. Универзитетот има капацитет за вакви проекти, ПЕТ центарот исто така е гаранција дека ќе бидеме успешни во реализацијата на вакви проекти
изјави проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска.
Меѓу предавачите беше и Адријано Дуати, професор од Универзитетот во Ферара (Италија), кој работи на радиофармациска хемија.
Ова е извонредно важен проект, бидејќи за првпат Агенцијата помага и финансира ваков вид на тренинг курсеви, во овој случај за Африка, каде што има драматична потреба од едукација во областа на радиофармацијата. Немам сомневање дека ова е круцијален настан и мислам деа Македонија треба да биде многу горда што е домаќин на еден ваков настан, што ќе биде една од најважните активности, се надевам, и во иднина за Агенцијата за да ја подобри едукацијата во областа на радиофармацијата. Ова е прекрасен курс, одлично организиран, благодарение не професорката Јаневиќ, која направи одлична работа, а мора да кажам дека и студентите беа многу активни, интерактивни, и ова беше еден многу успешен курс
изјави проф. д-р Адријано Дуaти.
Во делот на презентирање на истражувачката работа во областа на радиофармацијата со учесниците на курсот работеа и истражувачите Франческа Раванети и Лиза Радоње од Универзитетот во Парма, Италија.
Првпат сум во Македонија. За мене ова е одлична можност да стекнам ново искуство со овие студенти и да можам да им предавам на фармацевтите од Африка за мојата област, за анатомијата на животните кои се вклучуваат во експериментите и истражувањата
изјави Франческа Раванети.
Лиза Радоње, истражувач за ветеринарна анатомија на Универзитетот во Парма, изрази задоволство од интерактивноста што ја покажале фармацевтите од Африка.
Студентите беа многу интерактивни, поставуваа многу прашања и беше интересно за нас, бидејќи така можевме да дознаеме што всушност најмногу ги интересира и да направиме повеќе за нив. Мислам дека проектот е многу важен, бидејќи овие фармацевти доаѓаат од земји кои се во развој и за нив е одлична можност да бидат овде и потоа знаењата да ги применат во нивните држави за да им помагаат на луѓето.
На доделувањето на сертификатите присуствуваше и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, како и раководителот на Одделот за техничка соработка со Европа од Меѓународната агенција за атомска енергија. Фармацевтите учесници се заблагодарија за искуството кое го добија за време на курсот, но и за целокупната организација во која можеа да видат и дел од убавините на Република Македонија.