Анализа: Можнa ли е валутна криза во Македонија?

Преку емпириско истражување професорката д-р Татјана Бошков од Факултетот за туризам и бизнис логистика истражуваше дали Македонија може да очекува валутна криза по примерот на некои други земји. Трудот што го анализира овој економски феномен е насловен „Емпириско истражување за проценување потенцијална валутна криза: Македонија и Србија“, а неодамна беше презентиран на 25 сесија во Народна банка на Република Македонија, како дел од Клубот на истражувачи.

Истражувањето презентирано од доц. д-р Татјана Бошков е теоретска и емпириска анализа за потенцијална валутна криза во Македонија и во Србија. Цикличниот карактер на валутата и финансиската криза ги тера креаторите на политиките внимателно да ја спроведуваат политиката на девизен курс. Успешното спроведување на оваа политика е спречување на сценариото со кое се соочи Мексико во 1994 г. или неодамнешните примери во Египет (каде што веќе се стабилизира состојбата)  и актуелната продлабочена криза во Венецуела - позната како нафтено-извозна земја и земја со комплексен монетарен систем.

Истражувањето на проф. Бошков опфаќа мерење на повеќе индикатори во временски интервал од 2005 до 2016 г., чии вредности треба да укажат на можна дисторзија т.е. да придонесат за рана детекција на валутна криза во Македонија и во Србија. Се истражуваат две клучни прашања:

  1. Дали постојат нарушувања во Македонија и во Србија кои може да предизвикаат валутна криза?
  2. Која генерација на модел на валутна криза би била најблиска за овие две земји?

Добиените вредности на горенаведените индикатори преку примена на економетриски и статистички анализи јасно укажа дека во овие две земји не се детектира валутна криза во временскиот интервал од 2005 до 2016 г. Поконкретно, Македонија е далеку од можноста за настанување на валутна криза, додека Србија двапати се доближувала до алармнатна зона - во јуни 2011 г. и во јули 2014 г.

Добиените резултати укажуваат на успешно водење на политиката на девизен курс од страна на монетарните власти во Македонија, односно НБРМ одржува стабилен фиксен девизен курс. Анализата потврди дека нашата Централна банка во последните години на турбулетно опкружување, како и де факто променетата финансиска слика (портфолио странски инвестиции, меѓународно кредитирање, трансфер на депозити со цел да се искористат разликите во каматните стапки  - финансиски текови кои не мора да се поврзат со меѓународната трговија) спроведува успешна макроекономска политика, особено амбициозна задача со оглед на тоа што Македонија е мала и отворена економија, која е сензитивна на таквите случувања, истовремено конвергирајќи кон ЕУ“ - заклучува Бошков.

Клубот на истражувачи на НБРМ често прави вакви панел-сесии на кои се презентираат научни трудови и различни истражувања кои помагаат да се креираат политиките на Народна банка на Република Македонија. Од неодамна во овој клуб членуваат и многу професори и голем дел од академската заедница, меѓу кои и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“. Народната банка на Република Македонија годишно прави вакви четири сесии.

 

 

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…