Проф. д-р Блажо Боев и проф. д-р Антонио Китановски предложени за дописни членови на МАНУ

Проф. д-р Блажо Боев и проф. д-р Антонио Китановски се предлозите на Ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ за дописни членови на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Ваква одлука донесе Ректорската управа на својата 159. седница.

Научноистражувачката и стручна работа на проф. д-р Блажо Боев во континуитет од 36 години се одвива во три научни, помеѓу себе комплементарни области и тоа: петрологија, минералогија и геохемија на средината. Неговиот придонес е исклучително важен за Република Македонија која геолошки е многу разнолика и научно интересна. Истражувањето на минералите и нивната експлоатација, водените ресурси, сфаќањето на природните несреќи и опасности, како и поблиското проучување на климатските промени се предметот на геологијата која како наука ја проучува планетата Земја, карпите и минералите, која е предизвик за проф. д-р Блажо Боев, кој систематски и посветено го гради и развива овој научен систем од стратешка важност за секоја држава.

Тој со исклучителна посветеност и истрајност ги развива овие многу значајни области во геологијата, спроведува интензивна теренска работа, формира истражувачки лаборатории, набавува капитална научноистражувачка опрема, објавува научни и стручни публикации (269), автор е на седум учебници и монографии, три пати е добитник на државната награда „Гоце Делчев“, развил исклучително богата интернационална соработка со угледни светски институции и научници. Во неговата кариера престојувал на светски познати универзитети и соработувал со многу значајни научници. Соработувал и раководел меѓународни проекти кои биле финансирани од: UNESCO, IUGS, Max Planck, Darmstadtu, Tubingenu, Salzburgu, Виена, Париз, Софија, Солун, Пиза, Москва, Белград, Загреб, Љубљана.

Китановски е одличен композитор и гитарист со извонредна техника и имагинација, инспириран од најголемите мајстори на гитарата во светот. Во моментот е декан на Музичката академија при УГД.

Од крајот на 70-тите години и во дел од 80-тите на минатиот век негов музички ментор бил Драган Ѓаконовски-Шпато. Од 1986 до 1990 година го водел триото „Шпато“ со кое одржал бројни концерти. Од 1990 до 1997 година престојувал во САД, каде што студирал. Дипломирал композиција на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а паралелно компонирал за оркестарот на Херб Помероу и за биг-бендот на Грег Хопкинс.

Во 1997 година се вратил во Македонија и во Скопје го формирал составот „Луна“, а подоцна и своето трио. Повторно соработувал со голем број реномирани светски музичари, меѓу кои се и Грег Хопкинс, Чарли Мариано и Мет Дариау. Во 1998 година, за продукцијата на „Скопскиот џез фестивал“ го објавил својот прв албум „One For Charlie“), а една година подоцна, со своето трио, го промовирал албумот во рамките на кумановскиот „Летен џез фестивал“.

На двојното цеде од фестивалот („Летен џез фестивал“ - Куманово, 26-29 август 1999 г.) се нашле две композиции на триото на Тони Китановски: „One for Charlie“ и „Lonely Woman“, меѓутоа поради техничките недостатоци од живиот настап на дисковите биле ставени снимките од студискиот албум. Во рамките на „Скопскиот џез фестивал“, во октомври 2000 година, Тони Китановски настапил во дует со македонскиот музички егзибиционист и вибрафонист Зоран Маџиров. Материјалот од овој настап, насловен како „Дует“, бил објавен во 2001 година од страна на „Скопскиот џез фестивал“. Тони Китановски е основач на скопското Школо за џез и современа музика.

Последен пат изменето на Понеделник, 04 Декември 2017 13:25
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…