Според научните резултати изразени преку квалитетот на публикациите, важноста на научните факти содржани во нив, импактот на списанијата во кои се објавени овие трудови и веќе искажаното внимание на научната заедница преку бројот на цитати, може да се каже дека проф. д-р Блажо Боев е еден од најдобрите истражувачи од областа на геонауката во Република Македонија и неговиот научен опус е високо конкурентен во нашиот регион и јасно препознатлив на европско ниво. Нема сомнение дека научните резултати на проф. д-р Блажо Боев се рамноправни и споредливи со резултатите на сите членови на академиите од Југоисточна Европа од областа на геологијата.
САНУ (Српската академија на науките и уметностите) во својот реферат за проф. Боев ќе напишe: „Резултатите на проф. д-р Блажо Боев во градењето капацитет во науката и истражувањето апсолутно ја надминуваат средината во која се постигнати. Работата на опремувањето и создавањето на нови лаборатории на Универзитетот „Гоце Делчев“ и начинот на кој тие се вмрежени и достапни на целата научна заедница на Република Македонија се примери на индивидуална компетентност која е во служба на општа академска корист. Ваква истражувачката инфраструктура со овој квалитет не постои во областа на геонауки во ниту една од земјите од поранешна Југославија, освен можеби во Словенија. Овие резултати укажуваат дека од изборот на проф. д-р Блажо Боев за дописен член на МАНУ - иако ова сигурно би било признание за него лично и за неговата досегашна кариера - целата заедница на геонауката во Република Македонија би имала големи придобивки“. (Д-р Владица Цветковиќ, редовен професор и дописен член на САНУ, Универзитет во Белград, Рударско-геолошки факултет.)
Биографија
Проф. д-р Блажо Боев е роден на 22 февруари 1958 година во Кавадарци, каде што завршил основно училиште и гимназија. Рударско-геолошки факултет завршил во Белград во 1980 година на насоката Истражување на минерални суровини. Постдипломските студии ги завршил на Рударско-геолошкиот факултет во Белград – насока Петрологија и геохемија, каде што во 1982 година го одбранил својот магистерски труд со наслов „Метаморфизмот на рудната серија ’Ржаново-Студена Вода“, под менторство на академик Зоран Максимовиќ, со што се стекна со титула магистер на геолошки науки.
Во 1981 година беше избран во звање помлад асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Штип при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две години подоцна во звање асистент на истиот факултет. До 1986 година работел како инженер-геолог во Рудникот „Фени“ во Кавадарци, а истовремено, двапати неделно, одржувал вежби со студентите на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Од 1984 година бил директор за развој на Рудникот „Фени“, а од 1986 годин аработи на Рударско-геолошкиот факултет во Штип.
Докторската дисертација со наслов „Петролошки, геохемиски и вулканолошки карактеристики на вулканските карпи од Кожуф Планина“, изработена под надзор на д-р Ристо Стојанов и академик Стеван Карам, Блажо Боев ја одбранил во 1988 година на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, со што се стекнал со звање доктор по технички науки. Додека работел на својот докторат, тој поминал неколку студиски престои во Москва, на Институтот за геохемија и минералогија - IGEM при Академијата на Руската Федерација, каде што ги извршил најважните лабораториски испитувања. Во периодот 1990-2000 г. имал неколку кратки постдокторски усовршувања на Институтот „Макс Планк“ во Мајнц (Германија), на Одделот за геохемија и космохемија, под менторство на проф. д-р Волфганг Тод.
Резултати на наставна и научна дејност
Наставната активност на проф. д-р Блажо Боев се одвива повеќе од 35 години. Активно учествувал во создавањето на образовна и научна средина на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, уште додека факултетот беше во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој ја основал Катедрата за петрологија, минералогија и геохемија при Одделот за геологија и иницирал воведување на пофлексибилни и модуларни курикулуми.
Многу е важно ангажирањето на проф. д-р Блажо Боев во креирањето на докторски студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во кои се инкорпорирани најдобрите стандарди на европската пракса во однос на квалитетот на третиот циклус на студии.
Резултатите од научните истражувања на проф. д-р Блажо Боев вклучуваат голем број на научни публикации (302, Google Scholar), од кои многу можат да се најдат во реномирани електронски бази на податоци, како што се SCOPUS (136) и Web of Science (35). Неговите трудови се цитирани вкупно 1072 пати (Google Scholar), односно 297 (SCOPUS) и 130 пати (Web of Science) (сите цитати без автоцитати). За своите научни трудови добил три национални награди „Гоце Делчев“.
Една од најважните научноистражувачки активности на проф. д-р Блажо Боев е неговото учество во мулти(мега)проектот LOREX (LOrandite EXperiment), чија главна цел е откривање соларни неутрини со помош на изотопот на олово-205 во минералот лорандит од лежиштето Алшар. Како еден од водечките експерти во геологијата на пошироката област и самото лежиште Алшар, кое во минералогијата претставува реткост од светско значење, проф. д-р Блажо Боев даде огромен придонес во активностите на овој голем меѓународен научен потфат во кој учествувале и натаму учествуваат научните гиганти, како што се институтите Аргон (САД), ГСИ-Дармштат (Германија) или Рикен (Јапонија).
Конечно, во научната работа на проф. д-р Блажо Боев значајно место заземаат истражувањата во областа на геохемијата на животната средина, а како што веќе е наведено, тој е лично заслужен за воведувањето на оваа специјалност во корпусот на геонауки во Република Македонија. Проф. д-р Блажо Боев работел со извонредна посветеност на врската помеѓу истражувањето и експлоатацијата на минерални суровини и проблеми на животната средина. Во овие истражувања вниманието е посветено на дистрибуцијата на тешки и токсични метали во различни геохемиски средини (на пр. водата, почвата, живиот свет итн.), а особено на изучувањето на присуството на радон и цезиум во почвите во Република Македонија. Како резултат од овие истражувања објавени се бројни публикации, некои од нив во многу реномирани списанија, на пример, Environmental Earth Sciences или Radiation Protection Dosimetеr. Голем дел од резултатите се сумирани во монографија под наслов „Геохемискиот атлас на Велес и неговата околина“ (2008, заедно со Т. Стафилов, Р. Шајн, З. Панчевски, М. В. Фронтасјева и Л. П. Стрелкова), за која авторот, исто така, ја доби наградата „Гоце Делчев“.
Други активности
Проф. д-р Блажо Боев има постигнато одлични резултати во изградбата на научноистражувачки капацитети на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Меѓу другото, тие вклучуваат и создавање научен фонд за поддршка на индивидуалните истражувања, што беше напредна идеја дури и за највисокорангираните европски универзитети. Покрај тоа, со неговите лични напори се опремени три модерни лаборатории: Лабораторија за ICP-AES (1996), Лабораторија за ICP-MS (2007) и Лабораторија за електронска микроанализа и EDS техника (2011).
Во изминатите три децении, проф. д-р Блажо Боев учествувал во реализација на голем број национални, билатерални и меѓународни проекти, а меѓу најважните се:
- а) мегапроект LOREX (LORandite Experiment), којшто со прекини трае од 1990 година, најчесто под водство на проф. д-р Миодраг Павиќевиќ; покрај институциите од Република Македонија и Србија, во проектот учествувале бројни истражувачки центри, како што се Институт „Макс Планк“, Мајнц и ГСИ Дармштат (Германија), Универзитет во Салцбург и Институт ВЕРА (Австрија), Аргон (Пердју, САД), Рикен (Јапонија) и други;
- б) Испитувања на термалната еволуција на Пелагонискиот метаморфен комплекс во Република Македонија со користење на методите на изотопна геологија (1998-2002) – проект на билатерална соработка со Универзитетот во Тибинген (Германија);
- в) Изучување на Српско-македонската маса во Република Македонија и Грција (1998-2000) – проект на билатерална соработка со Универзитетот во Солун (Грција);
- г) EUROCAT (1998-2000) – проект во соработка со Геолошкиот завод на Грција - IGME, Солун (Грција);
- д) Изучување на терцијарниот магматизам на Република Македонија и Бугарија (1994-1998) – проект на соработка со Бугарската академија на науки;
- ѓ) Изучавање на метаморфни карпи од висок степен во Република Македонија (1994-1998) – проект на соработка со Институтот - IGEM при Руската академија на науки;
- е) Проучување на офиолитски карпи во Република Македонија и Србија (2000-2004), проект на меѓуакадемска соработка помеѓу МАНУ и САНУ;
- ж) Минерали во Македонија, минералошка карактеризација (2000-2006), проект на билатерална соработка со Република Хрватска;
- з) Минерали во Македонија, спектроскопска и структурна карактеризација (2000-2006), проект финансиран од страна на Министерството за образование и наука на Република Македонија;
- ѕ) Elemental composition of minerals from the Republic of Macedonia (2005-2005) – проект на билатерална соработка со Словенија;
- и) Antropogenic Efects on the Human Environments in Tertiary Basins in the Mediteranean (2005-2006) - UNESCO проект;
- ј) Силикатни минерали од Македонија - идентификација и систематизација (2005-2008), проект финансиран од страна на Министерството за образование и наука на Република Македонија;
- к) Ултраниски концентрации на арсен и талиум во почвата во Република Македонија (2009-2011), проект на билатерална соработка со Република Хрватска;
- л) Antropogenic effects on the human environment in the Neogene basins in the SE Europe (2011-2012) - UNESCO проект.