Овој симпозиум го имаше своето осмо издание со учество на врвни имиња од областа на денталната медицина од државата и пошироко.
- Во организација на ФМН и оваа година по осми пат го организираме Симпозиумот за дентална медицина со наслов „Мултидисциплинарен пристап во стоматолошката практика“, каде што имаме поканети предавачи од странство, како и од нашиот факултет. Секоја година учествуваме во едукација на стоматолози од Македонија. Настанот е акредитиран од стручната комисија при Стоматолошката комора со осум бода за пасивно учество и 12 за предавачите. Задоволни сме од присуството на колегите стоматолози, исто така имаме доста присутни наши студенти и мислам дека на крај на овој ден, по сите презентации и предавања, секој што ќе замине одовде ќе има некоја корист, искуство, споени науката со праксата преку она што ќе го пренесат нашите предавачи – изјави проф. д-р Киро Папакоча од Катедрата за дентална медицина на ФМН.
Симпозиумот е важен за студентите и не само што тие активно се вклучени во неговата организација, туку учествуваат и на други конгреси, летни школи, на кои треба да презентираат, да направат некое истражување или пак да учествуваат на некои работилници и ова е драгоцено искуство за нив.