Млади научници од ФМН публикуваа значајни истражувања во највлијателните научни списанија

Во периодот на првите пет месеци од 2019 година младите научници од групата Биоелектрохемија на Факултетот за медицински науки при УГД - Штип, доцент Викторија Максимова и асистентите Милкица Јанева, Софија Петковска, Павлинка Кокошкарова, под менторство на проф. Рубин Гулабоски и проф. Валентин Мирчески, публикуваа пет фундаментални научни публикации во три од десетте највлијателни списанија со импакт фактор од областа на електрохемијата.

Притоа, во четири од публикациите на оваа група научници за првпат се развиени нови теоретски модели во услови на волтаметриски техники, каде што се студирани својствата на т.н. мембрански ензими и нивните интеракции со разни супстрати. Покрај тоа, во два од трудовите е покажано какво е електрохемиското однесување на ензимите при процесите на нивна денатурација. Покрај тоа, за првпат е објавен и теоретски математички модел за електрохемиските својства при денатурирање на ензими чија редокс трансформација се одвива во два чекори.

Овие трудови се од исклучителна важност за разбирање на однесувањето на голем број ензими во физиолошки услови. Во последниот труд се објавени волтаметриски начини на дизајнирање на електрохемиски сензори за детекција на важен сигнален молекул водород пероксид. Главна поддршка за реализацијата на овие публикации дојде само од проект финансиран од Универзитетот „Гоце Делчев“. Ова е огромен успех за оваа млада група научници од УГД и во светски размери, а нивната работа во иднина ќе биде фокусирана во подрачјето на разработка на фундаментални математички модели за студирањето на интеракциите на лекови и на студирањето на електрохемијата на ензимите.

Подолу се дадени сите линкови до последните трудови публикувани од групата Биоелектрохемија при УГД - Штип.

Последен пат изменето на Понеделник, 27 Мај 2019 09:34
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…