Конвенцијата се одржа како онлајн настан и на истата учествуваа повеќе од 100 претставници на универзитети, универзитети спортски центри и асоцијации за спорт од повеќе од 30 земји. Главниот фокус на Конвенцијата беше вмрежување на институциите кои работат во сегментот на спортот, физичката активност и здравиот начин на живот. Во рамките на неколкуте пленарни предавања беа претставени можностите за проекти и фондови за истражувања кои ги нудат европските програми (Еразмус плус, Хоризонт 2020 и др.), Меѓународниот олимписки комитет и Канцеларијата за олимписки истражувања во Лозана – Швајцарија, платформата EPSI – European Platform for Sport Innovation со седиште во Брисел, INSHS – International Network of Sport and Health Science. Во рамки на конференцијата беа презентирани активностите и проектите во областа на спортот, физичката активност, здравјето и активниот начин на живот кои се реализираат на секоја од институциите.
Претставниците на УГД ги презентираа досегашните активности на Универзитетскиот спортски и културен центар, со посебен акцент на досегашните спортски настани, проекти, тековните истражувања поврзани со физичката активност и меѓународната соработка со сродните институции. Беа презентирани можностите на Спортскиот центар и Универзитетот за вклучување во идни проекти и соработки. Со ова учество, УГД и Спортскиот центар станаа и официјален член на INSHS (International Network of Sport and Health Science) во која членуваат 45 институции за спорт од исто толкав број на земји од целиот свет.
На Конвенцијата, УГД беше претставуван од проректорот проф. д-р Мишко Џидров, проф. д-р Кирил Барбареев и вон. проф. д-р Билјана Попеска како членови на Универзитетскиот спортски и културен центар и дел од Комисијата за спорт и култура на УГД.