Русија развива нови вселенски бродови ППТС кои имаат широка мултифункционалност и ќе служат за летови во Земјината орбита, ќе имаат капацитет да соберат шестмина космонаути, но ќе можат да се користат и за лансирање во Месечевата орбита каде што четворица космонаути ќе имаат можност да престојуваат 14 дена.
Првиот пробен лет е предвиден за 2021 година, додека во 2025 година се предвидени беспилотни мисии на Месечината кои ќе се искористат за дополнителни тестирања на леталото и идентификување на можноста за транспорт и престој на човечки екипажи. Првата мисија со вселенски екипаж е закажана за 2029 година.
Русија во меѓувреме бара партнери за овој проект. Моменталниот планиран буџет на „Роскосмос“ изнесува 5,6 милијарди долари. Европската вселенска агенција – ЕСА, којашто веќе соработува со НАСА на изработката на новото летало Орион, веќе покажа интерес за проектот.
Ова нема да биде прва соработка помеѓу „Роскосмос“ и ЕСА во истражувањето на Месечината, тие веќе работат на проект што предвидува лансирање на беспилотната сонда Луна 27 во 2020 година.
Руската вселенска агенција „Роскосмос“ во ноември минатата година ја најави Луна 27, роботски лендер што ќе слета во басенот Еиткен на Јужниот Пол, џиновски кратер на темната страна на Месечината, и ќе го истражува во потрага по ресурси што може да се користат од страна на идните жители на Земјиниот сателит.
Извор: http://www.popsci.com/.