„Најлудите“ научници во светот

Најзначајните имиња од светот на науката чии откритија го обликуваа светот се познати и по невообичаените активности и ексцентричното однесување. Не е ни чудо што „Live Science“ објави листа на најлудите генијалци и што на прво место на оваа листа е Алберт Ајнштајн. Останатите, можеби помалку познати генијалци, не беа помалку „луди“.

Некои од нив се:

  • Јохан Конрад Дипел

Алхемичарот од 17 век Јохан Дипел се родил и пораснал во германскиот дворец Франкенштајн. Најпознат е по неуморната потрага по еликсирот на бесмртноста. Гласините за неговите експерименти над човечки тела веројатно послужиле како инспирација за познатата британска писателка Мери Шели која во своите написи го именува токму како Франкенштајн.

  • Вернхер вон Браун

На своја 12-годишна возраст, вон Браун на својата играчка – вагон поставил петарда и ја оставил на средината на една преполна улица во Германија. Ова било само почеток.

Мозокот што стоел зад Хитлеровата ракетна програма стигнал во САД како воен затвореник и станал шампион на вселенските истражувања. Додека испраќал луѓе на Месечината, тој станал мајстор во нуркање, а го интересирала и филозофијата.  

  • Роберт Опенхајмер

Таткото на атомската бомба никогаш не ги криел симпатиите кон комунизмот и внатрешната борба околу фрлањето на атомски бомби, па на крај му била одземена неговата академска и политичка моќ. И покрај тие контроверзии, познат е и како човек кого студентите го нарекувале „Опи“, кој без никаква причина научил холандски јазик и ги цитирал светите хиндуистички текстови на локацијата каде што било извршено првото тестирање на атомска бомба.

  • Фримен Дајсон

Угледниот нуклеарен физичар и писател Фримен Дајсон во 1959 година ја предложил Дајсоновата сфера или т.н. Прстенест свет, како можност човештвото во иднина максимално да ја искористи Сончевата енергија. Сферата во големина на планетарна орбита би се состоела од систем на сончеви колектори околу ѕвездите, така што целата енергија би била апсорбирана и искористена. Дајсон бил уверен дека постои живот и надвор од Земјата и верувал дека со вонземјаните ќе стапиме во контакт во наредните неколку десетици години.

  • Ричард Фајнмен

Член е на групата научници кои ја направиле атомската бомба. Американскиот физичар Ричард Фајнмен зад себе ја оставил теоремата на електродинамиката која ја објаснува интеракцијата помеѓу електромагнетната радијација и наелектризираните честички. За својата работа во 1986 година добил Нобелова награда за физика. Фајнмен, сепак, бил познат и по својот ексцентричен начин на живот и изразен слободен дух. Аматерски се занимавал и со музика, а во слободното време ги декодирал хиероглифите на Маите.

  • Џек Парсонс

Кога не бил зафатен со основањето на лабораторија за истражување на Сончевиот систем во Калифорнија, Парсонс се занимавал со магија и за себе тврдел дека е антихрист. Овој мистериозен човек без формално образование успеал да развие формула за ракетно гориво кое на Американците им донело победа во Втората светска војна и ги лансирало во вселената. Постои дури и кратер на Месечината именуван по него. Бил еден од најголемите окултисти на 20 век, а во 1952 година загинал во својот дом поради неуспешен лабораториски експеримент.

Извор: http://www.livescience.com/

Последен пат изменето на Понеделник, 02 Ноември 2015 10:50
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…