Истражувањето направено од Универзитет во Онтарио вклучи 126 студенти со прашалници дизајнирани да го одредат нивниот степен на интелигенција и количината на стресот што тие го доживуваат за разни случувања во животот.
Заклучоците од истражувањето поставија врска помеѓу анксиозноста, односно претераната грижа и стресот и вербалната интелигенција. Научниците најдоа интересна врска и за обратната релација, односно открија дека колку повеќе испитаниците се грижеле за настани кои им се случиле во минатото, толку било помало нивото на нивната невербална интелигенција.
Според нив, можно е вербално поинтелигентните луѓе да се во состојба да размислуваат за минатото и иднината до најмали детали, што неизбежно води до поголеми грижи и стрес. Индивидуалците, пак, со поголема невербална интелигенција се подобри во процесирањето на невербалните сигнали од другите луѓе во нивното опкружување, со што кај нив се јавува помала потреба за повикување и репроцесирање на претходни социјални доживувања, а со тоа и помалку грижи и помалку стрес.
Со други зборови, вербално интелигентните луѓе се измачуваат од нивните детални сеќавања за минатото и грижи за иднината, додека оние кои се подобри во секојдневната невербална комуникација собираат повеќе информации од моменталните случувања во сегашноста и со тоа имаат помала потреба да се сеќаваат на некои непријатни или пријатни минати случувања.
Ова е интересно научно истражување кое дава научно објаснување за состојбата на анксиозност која е се поприсутна помеѓу луѓето денес.
Извор: http://www.sciencedirect.com/.