- Ова е една од активностите во рамките на одбележувањето на осмомартовските активности. Предавањето ќе биде и претставување на преведената литература од Владата на РМ. Станува збор за навистина значајни преводи на книги и дела од познати филозофи. Ова е можност оваа литература да биде достапна на македонски јазик - истакна директорката на Библиотеката „Гоце Делчев“ , Милена Ристова-Михајловска.
Професорот Стојанов за презентација на овие капитални дела, како што рече, избрал да говори на тема „љубов“ и преку тоа да ги доближи делата до заинтересираната јавност.
- Промовираме неколку наслови од овој проект „Врвови на светската филозофија, историја, психологија и психоанализа“. Преку една тема се обидувам да поврзам неколку автори од Платон па сѐ до последниот наслов од Џон Серл еден сѐ уште жив филозоф кој се занимава со нешто што е актуелно во филозофијата, а тоа е филозофијата на умот. Темата „љубов“ како да е подзаборавена тема и дури кога се третира се третира на ниво на патетика, а притоа се заборава дека во етимологијата на зборот „филозофија“ стои љубовта. Филозофијата е љубов кон мудроста и во таа смисла тоа е оној копнеж кој нѐ води до истражување, научно, филозофско и уметничко творештво. Така што љубовта е копнежот што стои зад сите овие творечки импулси кај човекот - вели доц. д-р Трајче Стојанов.
Денес беа презентирани делата од Б. Расел, Платон, Бекон, Џ.С. Мил, Алфред Џ. Ејер, Лудвиг Видгенштајн и Џон Серл, а веќе можат да се најдат во Универзитетската библиотека во Штип.