Проектот започна во јануари годинава, истражувачката работа и активностите на проектот се поделени на третини во годината, а целиот проект ќе трае две години.
Целите на овој двегодишен проект се поделени во четири, односно пет групи, согласно со потребата за анализа на деловните капацитети за кои е предвидено да ги опфатат начинот на менаџирање и лидерските способности, степенот на стратегиско планирање во работењето, финансиите и маркетингот во претприемничките претпријатија, раководени од страна на жените претприемачи.
Истражувачкиот проект го работат проф. д-р Еленица Софијанова, проф. д-р Ристе Темјановски, доц. д-р Тамара Јованов Марјанова, доц. д-р Љупчо Давчев и асс. м-р Душко Јошевски.
Деловните капацитети со кои располагаат менаџерите претприемачи се основниот фактор на влијание што го условува успехот на претприемничкиот бизнис. Затоа, сите истражувања поврзани со проблематиката на менаџмент, маркетинг, финансии во рамки на мали и средни претпријатија заслужуваат големо внимание, бидејќи ја поставуваат основата за раст и развој на ниво на претпријатија, кои пак се клучот за развојот на националната конкурентност.
Сознанијата од овој проект ќе овозможат увид во тековната состојба на стратегиските деловни активности на претприемничките претпријатија, со што ќе се создаде основа за воочување на предностите и недостатоците, односно развојните јазови во нивното работење.
Освен тоа, ќе се добијат и сознанија за клучните пазарни фактори на влијание и нивната поврзаност и влијание врз бизнис перформансите, со што ќе се овозможат информации за менаџерите на претпријатијата кои ќе можат да ги употребат за носење на идни деловни одлуки. Исто така, резултатите ќе прикажат дали постои причинско-последичен однос помеѓу активностите од секоја од анализираните области – менаџмент (развој на стратегии, имплементација на тактики, менаџирање на човечки ресурси – примена на системи на награди и казани, фактори на мотивација и др.), маркетинг (степен на пазарна ориентација, маркетинг планирање, имплементација на маркетинг активности, вклученост во интернет маркетинг активности итн.), финансии (начин на финасирање, големина на сопствен влог, извори на финансирање и сл.) со позитивните бизнис перформанси – профит, пазарен удел, поврат на инвестиција и др.
Добиените податоци и сознанија од експерименталниот дел на проектот ќе придонесат за формирање на научен став и протокол за текот и процедурата на развој и имплементација на менаџерски и маркетинг активности, како и односот кон финансиите во рамките на малите и средните претпријатија.
Имплементацијата ќе се валоризира во рамки на опфатените претпријатија во примерокот кои се раководени од жени – претприемачи, преку презентирање на наодите и изработка на план за имплементација на предлог-промените кои се претпоставува дека ќе произлезат од истражувањето.