- Целта на оваа наша прва Меѓународна конференција е размена на искуства, на сознанија од областа на јазикот, културата, литературата и образованието. Тука има стручњаци од оваа област кои ќе дадат придонес за развој на науката. Ние како филолози сме едни од основните двигатели во едно општество, затоа што ние сме заслужни за кршење на бариерите кои постојат во светот - истакна деканката на Филолошкиот факултет доц. д-р Драгана Кузмановска.
Конференцијата е во коорганизација со Воронежкиот универзитет во Русија и тамошниот Филолошки факултет со кој УГД веќе има воспоставено добра соработка.
- Ова е соработка меѓу двата словенски народи. Веќе е склучен договор меѓу нашиот универзитет и Универзитетот во Штип. Во тек е соработка меѓу правните факултети на двата универзитети. Денес ова е прва заедничка научна конференција. Имаме голема опширна тематика на оваа конференција. Ќе зборуваме за филологија, литература, образование и култура. Тоа се теми кои се значајни за секој сегмент на човековото живеење - истакна деканката на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Воронеж, Олга Берникова.
Ректорот на Универзитетот на свеченото отворање на оваа научна конференција ја повтори поддршката која Ректорската управа ја дава во организација на вакви настани.
- Ние како универзитет ова го поддржуваме до крајни граници, без да ги штедиме ресурсите на Универзитетот. Сите ресурси ќе ги вклучиме во поглед на афирмација на Универзитетот и сите свои единици. Филологијата е значаен сегмент во развојот на Универзитетот и ние тоа ќе го поддржуваме и понатаму. Можеме да поддржуваме вакви иницијативи и на другите факултети при Универзитетот - истакна ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.
Конференцијата ФИЛКО се одржува денес и утре во просториите на Филолошкиот факултет на УГД. Покрај професорите, во делот на организацијата активно се вклучија и студентите од овој факултет.
Галерија
Видео