Основната тема на овој истражувачки труд е утврдување дали во Република Македонија на национално ниво и на ниво на некои општини процентот на деца Роми кои се категоризирани како лица со попреченост е значително поголем во однос на процентот на вкупниот број на деца Роми во однос на вкупниот број на деца, припадници на сите етнички заедници. Односно, дали појавата на индиректна дискриминација преку сегрегација на децата Роми е системска, долготрајна и општествено вкоренета. Истражувањето покажа дека во периодот од 2010 до 2014 година е забележан висок процент на сегрегација на децата Роми, како во редовните училишта во рамките на редовните и посебните паралелки, така и во посебните училишта што претставува индиректна, системска и долготрајна дискриминација.
Притоа, најпроблематични се општините: Штип, Кочани, Битола, Кисела Вода, Куманово, Виница, Прилеп, Делчево, Кавадарци и Битола, но не е занемарлив процентот и во голем број други општини.
Истражувањето заклучи дека не постојат јасни протоколи за разграничување на образовната запоставеност од пречките во психичкиот развој кои доведуваат до интелектуална попреченост, ниту стандардизирани тестови при процените кои се прават во рамките на комисиите на различни нивоа. Не постојат ниту стандардизирани тестови и во работењето на стручните служби на училиштата во текот на запишувањето на детето во прво одделение или во текот на оценувањето на неговата евентуална попреченост во текот на повисоките одделенија. За крај, трудот заклучува дека недостасува институционална соработка во текот на креирањето на политиките за надминување на овој проблем и во текот на категоризацијата на децата со лесна интелектуална попреченост воопшто. Но, сепак, има напредок во обидите да се надмине овој проблем и да се креира нов модел кој ќе придонесе кон проценување на способностите на детето, а не категоризирање на попреченоста.
Овој труд е емпириски со солидно изработена методологија која се базира на податоци добиени од анкетни прашалници пополнети од страна на редовните и посебните основни училишта во државата кои потоа се обработени во програмата ЅРЅЅ со користење на филтри и добивање на фреквенции, како и податоци кои се добиени преку реализирани две фокус групи и тринаесет интервјуа со претставници на институции и граѓански организации. Трудот има практична применлива вредност за сите заинтересирани чинители во областа на образованието и заштитата од расна дискриминација, а за тоа посведочуваат и препораките за унапредување на оваа ситуација дадени на крај од трудот.
Автор на истражувачкиот извештај е проф. д-р Јован Ананиев, а уредник доцент д-р Жанета Попоска од Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Трудот е достапен на: http://kzd.mk/mk/dokumenti/2014 и http://eprints.ugd.edu.mk/12707/.