Постигнувањето на целта се базира на интердисциплинарни истражувања, вклучувајќи општо и специјално полјоделство, фитопатологија, агрохемија, ѓубрење, технологија на производството и селекција и семепроизводство. Земјоделскиот факултет при УГД – Штип располага со сертфицирана земјоделска површина за органско производство и соодветнa материјално-техничка инфраструктура за реализација на проектните активности.
Проектот „Процена на различни генотипови полјоделски култури во системот на органско земјоделско производство“ започна со реализација во 2014 година со пролетните рокови за сеидба на житните и индустриските култури и продолжи во есенските рокови на сеидба во 2014 година. Во 2015 година во пролетните и есенските рокови за сеидба се поставени повторно истите полски – теренски опити со истите култури, со цел да се анализира и утврди влијанието на условите на производната сезона – година врз вегетацијата, приносот и квалитетот од испитуваните култури. Ако се прифати барањето за продолжување на проектот за уште една година, полските и лабораториските испитувања ќе продолжат и во 2016 година во двата рока на сеидба со истите култури.
Во реализацијата на проектот учествуваат проф. д-р Љупчо Михајлов – главен истражувач во проектот, проф. д-р Илија Каров, доц. д-р Фиданка Трајкова, асс. м-р Наталија Маркова-Руждиќ и виш лаборант м-р Васко Златковски.
Резултатите од ова истражување ќе им бидат од голема корист на студентите на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев”, кои имаа можност непосредно и реално да се запознаат и учествуваат во дел од активностите во проектот.
Несомнено, тоа ќе им биде од повеќекратна корист и непроценливо значајно практично искуство од областа и методите кои се предмет на истражување. Значајна група корисници се и вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во одделенијата, дирекциите и инспекторатот кои имаат допирни точки со органското земјоделство и производството на семенски материјал.
Сертификациските тела, исто така, се значајна алка во синџирот на пренос на сознанија и имаат посредна улога во изборот на семенски материјал.
Советодавните институции се следните на листата корисници на резултатите од истражувањето. Имено, независно дали се работи за советници од државен или приватен карактер, сите подеднакво ќе имаат непречен пристап до резултатите.
Треба да се има на ум дека советниците се лица кои најчесто доаѓаат во контакт и притоа им помагаат на земјоделците да донесат клучни одлуки во изборот на сорти и технологии на одгледување.
Во оваа група би можеле да бидат вклучени и оние претпријатија кои се занимаваат со продажба на репроматеријали (пр. земјоделски аптеки, кои ги задоволуваат условите за држење и пуштање во промет репродуктивен материјал, согласно со одредбите од Законот за органско земјоделско производство – „Сл. весник на РМ“ бр.146/09).
Земјоделците, нивните здруженија и НВО-и се последните, но не и најнезначајни корисници на резултатите од истражувањето.
Поставеноста на истражувањето обезбедува високо ниво на заштита на животната и работна околина. Органското земјоделско производство во својата есенција се заснова на почитување на хармонијата помеѓу сите живи организми и почвата. Исклучивоста во примената на синтетички хемиски средства, кои во редовното земјоделство се користат за постигнување високи приноси, при што предизвикуваат непоправливи оштетувања на природниот екосистем, е гарант за себе дека истражувањето и поставувањето на опитите со ништо нема да придонесат кон нарушување на природната рамнотежа што е присутна на некое подрачје.