Според многу модерни научници и филозофи Хокинг дава одговор на вечното прашање кое многу одамна го постави Лајбниц – „Зошто имаме нешто наспроти ништо?“. Хокинг со својот интелект, кој на големо го надминува интелектот на многумина на оваа планета, тврди и аргументира дека за креирањето на универзумот не е потребен креатор. Оваа аргументација на долго и широко е објаснета во неговата книга „Големиот дизајн“, но дел од аргументацијата и во неговата претходна книга „Кратка историја на времето“.
Еден од аргументите доаѓа од заедништвото меѓу теоријата на релативитетот и квантната механика за да се објасни почетокот на универзумот т.е. како од ништо може да се создаде нешто. Во суштина одговорот се состои од два дела. Прво, преку својствата на гравитацијата универзумот може да биде решен со космички равенки со нула енергија. Отткука од „ништото“ произлегува се што има. Второ, квантните системи се секогаш флуктуирачки (поради нивната квантна несигурност) , па така универзумот може да резултира од нула енергија преку спонтана флуктуација на космоси. Овде доаѓа и веројатноста дека универзумите коегзистираат во еден безвременски мултиверс.
Со други зборови постои бескрајно царство кое ги содржи сите можни универзуми и дека нашиот е еден од тие универзуми со сите особености за да преживее доволно долго за да се креираат атоми, ѕвезди и живот.
Понатаму Хокинг тврди дека универзумот е погоден за генерирање живот како овој што го знаеме. Сепак Хокинг остава отворена можност за докажување на познатата М-теорија која би дала одговор на многу нејасни прашања.
Како дел од аргументацијата Хокинг посочува и некои аргументи кои доаѓаат од логичната размисла. Вели „нема празнини, само наука“. Тој вели дека досега човекот го користел аргуменитрањето за
Бог таканареченото гледиште „Бог во празнините“ односно онаму каде науката немала објаснување во текот на историјата човекот се обидувал да го пополни како божја креација. На пример на „Бог“ му се препишувале и брановите, ветрот, дождот, морето, водата, болестите и здравјето. Денес науката „пополни“ некои од „празнините“, а во иднина ќе пополнува уште многу. Односно денес никој брановите, ветрот или дождот не го препишува на волјата на Бог. „Незнаењето на природните патишта ги доведе луѓето да измислуваат Бог кој управува со нив и со секој аспект на човековото живеење“, вели Хокинг во својата книга „Големиот дизајн“.
Хокинг дава уште низа аргументи кои одат во прилог на тезата дека за да се создаде универзумот каков што го познаваме не е потребен креатор. Од друга страна вели дека во науката нема простор за „чуда“ како што има во религијата. Природните закони не признаваат „чуда“ ако ги разберете доволно добро, односно не постојат „чуда“ или исклучоци од законите на природата, вели Хокинг.
Многу новинари и научници со појавата на Хокинг и неговата теорија за креирањето на Универзумот ја прогласија дебатата „религија – наука“ за мртва, но времето покажа дека таа се уште живее.