Интервју со проф. Светлана Јакимовска, Филолошки факултет: Постојаната работа е клучот на успехот

Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Не можам да кажам дека постојат одредени клучни моменти кои ме определиле како професор по француски јазик. Веројатно како и секој животен пат и мојот беше определен од личните наклоности и од образованието. Пред сè, се сеќавам дека на многу рана возраст, штом ги открив можностите кои пред нас ги отвора книгата, не престанав да посакувам да читам сè повеќе и среќна сум што таа страст со несмалена жестина сè уште ме исполнува.

Од друга страна, исто така рано го открив афинитетот кон изучувањето на странските јазици. Дома, покрај македонскиот, го слушав и хрватскиот јазик, а ги учев англискиот, рускиот, францускиот, италијанскиот, па дури го обожавав и латинскиот јазик кој за поголемиот дел на моите соученици беше вистински кошмар. Можеби како клучен момент можам да ја издвојам препораката на една моја професорка во средно училиште кога се двоумев помеѓу тоа дали да одберам да ја изучувам литературата или јазиците, таа ме насочи кон јазиците сметајќи дека на тој начин полесно ќе си го обезбедам опстанокот. По завршувањето на додипломските студии сметав дека недоволно знам, дека имам уште многу за учење, па таа желба ме доведе и до докторат. Чудно е, но истото чувство дека сè уште не знам доволно е актуелно и ден-денес.

Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

И тука, како и во претходното прашање, не можам да одделам посебни поглавја. Ги предавам и францускиот јазик и теоријата на преведувањето и двете нешта кои се предмет на мој тесен интерес. Наместо посебни поглавја би можела да изделам дека она што особено го сакам во однос на предавањата е кога ќе забележам одреден напредок кај моите студенти, кога започнуваат сè потечно да се изразуваат и да комуницираат на француски јазик или, пак, кога се сè повешти во преведувањето. Само една мала сенка сè уште стои на мојот професионален пат. Жал ми е што до сега на нашиот факултет не заживеаја студиите по француски јазик. На ова поле работиме посериозно и со општината и со раководството на Универзитетот и се надевам дека на мене и на мојата колешка ќе ни се укаже можноста да ги споделуваме (а воедно и надградуваме) нашите знаења.

На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се тоа истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?            

За среќа, можам да кажам дека областите на кои сум сконцентрирана денес ги обединуваат во едно интересите кои беа подвоени во моментот кога ја избирав мојата идна професија. Имено, денес, сè повеќе се фокусирам на преводот на книжевни дела и на интеркултурната комуникација низ преводот. На тој начин ги обединив и љубовта кон литературата и афинитетот кон странските јазици.

Дали мислите дека постојат одреден тип луѓе кои се создадени да бидат лингвисти? Кои вештини им се потребни?

Пред сè, да нагласам дека лингвистиката или науката за јазикот се востановува некаде на почетокот од минатиот век, а оттогаш во нејзини рамки се изнедриле цела низа научни гранки, меѓу кои е и традуктологијата, науката за преведувањето која е потесен предмет на мој интерес. Во таа смисла не би сакала да зборувам за вештините кои се потребни за лингвистите, но можам да кажам дека добриот преведувач и се раѓа и се создава. Се разбира дека одредена вродена наклоност мора да постои, но добриот преведувач не е само даровит човек, тој е човек кој добро ги изучил јазиците од кои и кон кои преведува, но кој располага и со широк спектар на знаења од различни области. Како и во секоја област постојаната работа е клучот на успехот.

Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Како прво морам да нагласам дека помеѓу моето излегување од факултетските клупи и моето вработување на УГД измина цела деценија во која немав можност да ги увидам промените и во рамките на високото образование и меѓу младата популација. Одредени ситуации на почеток ми беа неразбирливи, но сега се обидувам подобро да ги разберам и студентите. Порано студентите беа позатворени, посрамежливи, а професорот беше огромен авторитет и извор на стравопочит. Денес тоа повеќе не е така. Се разбира дека и оваа промена, како и секоја друга си има свои позитивни и негативни страни. Сепак, се сметам сè уште за млада личност и сметам дека отвореноста и олеснетата комуникација професор – студент придонесува и за побрза размена на знаења и идеи. Всушност, и ректорот, првиот човек на нашата институција, постојано нè поттикнува на соработка со студентите. Тој во нив недвосмислено верува, а наше е само да го следиме на тој пат.

Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Па мислам дека кон тоа се стремиме, не само јас туку и сите мои колеги, само што сликата што ја создаваме е различна. Една моја професорка, која неизмерно ја почитувам и ми служеше како урнек за добар професор, во една неформална комуникација ми нагласи дека еден професор дали ќе биде добар или не, главно, зависи од неговиот карактер. Имено, луѓето кои се отворени за комуникација, кои се човекољубиви, добро расположени, секогаш лесно ќе бидат прифатени од своите ученици. Е сега, атрибутот универзитетски дополнително ја обременува задачата. Значи, покрај карактерните особини, тој треба постојано да истражува, да се надградува и да ги збогатува предавањата. Сведоци сме дека нашиот Универзитет сè повеќе се отвора, разменува искуства и идеи. Ваквата политика на Универзитетот им овозможува и на студентите, но и на професорите да се градат во вистински професионалци. 

 Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?

За ЕКТС системот мислењата се поделени, па и кај мене се развиваат и позитивни и негативни ставови во врска со овој систем. Сепак, бидејќи ме прашувате за бенефитите, јасно е дека најголемиот придонес од него е мобилноста, можноста да се патува и да се откриваат различни образовни системи. Јас сè уште добро се сеќавам на периодот кога го изучував францускиот јазик, а со тешки маки и со сопствени средства одвај успевав да заминам во Франција.

Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Како и моите колеги, и јас се обидувам да им го задржам вниманието на студентите што понекогаш е навистина најтешка од сите задачи кои се поставени пред сите професори. Мислам дека делумно на ова одговорив и во претходното прашање. Се трудам на предавањето да создадам ведро расположение, да вметнам случки, примери, интересни настани, да наметнам интересни теми за дискусија. Исто така, настојувам да внесам и сè повеќе аудиовизуелни материјали.

Која е Вашата порака до студентите?

Од искуството што досега го стекнав како универзитетски професор, но и од претходното мое искуство како професор и преведувач, сè подлабоко во мене се вкоренува мислата што мудрите Латини уште многу одамна ја кажале: Non scholae, sed vitae discimus! Иако поради честата употреба се добива впечаток дека е излитена фраза, мислам дека знаењата и вештините стекнати во образовниот процес се гарант за професионалниот успех на секој од нас. Македонија денес е сè повеќе на патот на пазарното општество, хартијата веќе не е гарант за нашето вработување и задржување на работното место, туку само нашите компетенции. И јас морав подолг период да се борам за сопствениот материјален опстанок и немав кому да се потпрам освен на знаењата што ги стекнав. Тие беа мој гарант, а ќе бидат и гарант на нашите студенти. Додека се млади, полетни и полни со енергија нека не се штедат. Нека учат и резултатите ќе пристигнат не само за нив, туку и за општеството во целина. Се разбира, ние како дел од овој Универзитет секогаш ќе им помагаме да дојдат до целта – врвно образование!

Последен пат изменето на Петок, 27 Мај 2016 11:08
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…