Талентираните деца имаат потреба од посебни програми

Наспроти верувањата дека на талентираните односно на надарените деца не им е потребно посебно охрабрување или посебно внимание за напредок во средината науката вели дека се потребни специјални програми за работа со овие деца.

Раното детектирање на децата со талент или надарените деца е од исклучителна важност за нивен напредок и за напредок на општеството. Оваа тема ја анализира научниот труд на истражувачите Јадранка Рунчева и Деспина Сивевска од Факултетот за образовни науки при УГД.

Истражувачите констатираат дека покрај тоа што овие деца заслужуваат посебен третман во семејството за нив е потребно да се изработат и посебни програми во училиштата.

„Професорите треба да имаат повеќе трпение за работа со децата со супериорен талент. Моменталниот образовен систем не им дава многу можности на наставниците да ги задоволат овие потреби. Големи училници со многу ученици, часови посветени на просечни ученици, ситуации каде надарените ученици се чувствуваат запоставено, и претпоставка дека тие ќе се снајдат сами. Факт е дека надарените деца не можат сами да научат, а доколку бидат запоставени ќе им стане досадно, ќе почнат да го попречуваат часот, ќе продуцираат проблеми и ќе назадуваат“, се вели во научниот труд на истражувачите од Факултетот за образовни науки.

Двајцата истражувачи во својот труд објавен на конференција во Турција, посочуваат дека постојат низа методи за работа со талентираните деца. Учењето на надарените со регуларните дечиња, според овие истражувачи, не е најсоодветниот пристап затоа што може да доведе до назадување во развојот. Сегашниот образовен систем не гарантира успех и соодветен развој на надарените деца, се вели во извештајот.

Надарените деца се предизвик за наставникот, но и за целиот образовен систем. Не е лесно да се научи надарено дете бидејќи тие бараат поголемо знаење, внимание и поддршка, а наставниците мора да бидат подготвени за низа ситуации, како што е одговарање на прашања, па дури и ситуација кога надарениот ученик знае нешто повеќе од наставникот.

Во научниот труд се предлага промена во законската регулатива, што е и предлог на македонското биро за развој на образованието, но и посебни обуки на учителите за полесно детектирање и работа со овие деца. Доколку се направат посебни програми, се обучат наставниците и се прилагоди образовниот систем тоа ќе значи дека надарените деца ќе бидат од корист на целото општество.

Повеќе детали за оваа тема можат да се најдат во дигиталниот репозиториум на УГД на следниот линк http://eprints.ugd.edu.mk/12007/7/7.pdf.

 
Последен пат изменето на Петок, 16 Октомври 2015 11:10
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…