Курсот е во тек, започна на 20 ноември и ќе трае до 7 декември, а на истиот има професори од УГД, истражувачи од НБРМ и Министерство за финансии на РМ.
- Овој специјалистички семинар е исклучителна можност за подобрување на истражувачките капацитети на нашиот факултет, но многу повеќе и можност за продлабочување на соработката со двете клучни институции (НБРМ и Министерство за финансии) задолжени за креирање на економските политики, соработка која може да резултира со иницирање на заеднички проекти во иднина - истакна доц. д-р Дарко Лазаров, раководител на Катедрата за економија на Економскиот факултет при УГД.
Втората работилница е наменета за студентите на Економски факултет и истата се реализира во кампусот на УГД во Скопје. Тема на работилницата е примена на квантитативни истражувачки методи за економија и бизнис. Главен предавач на специјалистичкиот семинар и работилницата за студентите е д-р Марко Петровиќ, професор и истражувач на Универзитетот „Јауме I“ во Шпанија.
- Оваа работилница треба да им овозможи на нашите студенти и професорскиот кадар проширување на нивните знаења со современи теоретски концепти и научноистражувачки методолошки практики кои се применуваат на западноевропските универзитети. Само на тој начин, преку вакви проекти, иницијативи и активности можеме да ги подобриме академските и научноистражувачките капацитети на нашиот факултет и на целиот Универзитет - истакна доц. д-р Дарко Лазаров.
Во рамките на овој проект и практиката за покана на гости-предавачи е планирано да се организира предавање пред студентите на Економскиот факултет во Штип од вицегувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангелоска-Бежоска и од професорот на Универзитетот „Јауме I“ во Шпанија, д-р Марко Петровиќ.