Верувам дека при кариерниот развој и животниот пат, воопшто, најголемо влијание имаат моментите кои на прв поглед не ги препознаваме, а ни оставаат траен белег и нѐ формираат како личности.
Желбата и тежнеењето да оствариме некакви поставени цели и успеси се поважни и поубави од исходот. Сепак, верувам дека главниот и прв импулс сите го добиваме од родителите и блиските, а потоа и од опкружувањето, друштвото и афинитетите кон одредена професија. Учителите, професорите и образовниот процес, како и општиот систем на вредности во средината во којашто се движев ми беа главниот мотив за желбата да бидам професионална и успешна. Позитивниот пример од моите родители и нивниот однос кон професијата, како и мојата лична идентификација и восхит кон некои мои професори и професионалци ме направија подобра личност и сѐ уште ми го одредуваат патот и ми помагаат при донесувањето на важните одлуки.
2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Сите предавања што се предвидени со програмите за предметите што ги предавам настојувам да ги одржам професионално, следејќи ги интересите на студентите. Омилените теми, што се однесуваат на љубовта спрема професијата, хуманиот и етички аспект, професионалните задачи на фармацевтот за грижа за здравјето на пациентите и граѓаните, меѓусебната соработка и соработката со другите чинители на системот провејуваат низ секое мое предавање. Впрочем, професијата фармацевт бара посветеност и висока професионалност, многу знаење и постојана едукација. Целта е да едуцираме фармацевти кои ќе се грижат за здравјето на граѓаните во следните четириесетина години, кои ќе се носат со новините и предизвиците на времињата што доаѓаат, ќе се вклучуваат во научни и апликативни проекти и со својата работа ќе носат бенефити за општеството.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Мојот научен интерес е поврзан со истражувања во областа на фармацевтските политики и нивното влијание врз вкупното здравје, фармакоекономските параметри и исходот од терапијата, спроведувањето на фармацевтските грижи и можните бенефити за општеството, рационалната употреба на лековите и сите социјални аспекти кои влијаат врз употребата на лековите и оптимизацијата на истата. На почетокот од мојата кариера областите со кои се занимавам сега не беа профилирани во обем во којшто се денес, но секогаш претставувале предмет на професионален интерес. Докторските студии и истражувањата за изработка на докторската дисертација, како и интересот што го предизвикаа во високите професионални кругови на меѓународно ниво, ме поттикнаа дополнително да ги фокусирам своите истражувања на овие полиња во фармацијата, кои денес спаѓаат меѓу најсовремените и најактуелните приоди на нашата професија.
4. Дали мислите дека постојат одреден тип луѓе кои се создадени да бидат фармацевти? Кои вештини им се потребни?
Изборот на професијата зависи, пред сѐ, од личните афинитети, желбата за градење на професионална кариера во некоја област и влијанието на околината и општата општествена клима. Сите матуранти и/или студенти кои се добро информирани за она што го носи одредена професија како можност и ризик, а притоа наоѓаат мотивираност да се решат за неа, верувам дека се создадени за таа професија. За да бидат успешни, потребно е да ги завршат студиите и да го земат потребниот квантум на знаења и вештини кои ќе бидат основа за нивните професионални почетоци и за понатамошното учење низ цел живот. Фармацијата, со огромниот напредок на сите здравствени технологии, неверојатно брзо се развива и следењето на новините и нивната евалуација бара постојано ажурирање на сопствените знаења. Од друга страна, приодот кон лекувањето бара развивање на вештините за комуникација, експертски познавања за лековите и медицинските помагала, менџерски способности и етичност и висока хуманост. Вештините се стекнуваат во текот на образовниот процес, но многу повеќе низ примената на стекнатото знаење во праксата на работните места.
5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?
Денешните студенти, како и оние во минатото, се такви какви што ги оформува времето во коешто живеат. Напредокот во сите сфери на општеството и науката, целото општествено опкружување, домашното воспитание, образовниот систем и уште многу други фактори влијаеле и ќе влијаат врз формирањето на младите луѓе. Сакам да кажам, ни подобри, ни полоши – просто, такви се како што бара актуелниот момент од нив.
6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?
Добар универзитетски професор, пред сѐ, мора да поседува лични и морални квалитети, висок професионализам и чувство за праведност. Овие човечки квалитети понатаму го одредуваат и односот кон професијата, колегите, студентите и општеството. Добриот професор, и покрај високите стандарди што ги поставува, студентите го препознаваат и влијае врз нив со личниот пример. Сите ние паметиме по некој наш професор што му дал белег на нашето професионално однесување и што влијаел врз нашите понатамошни определби. Добриот универзитетски професор и знаењата што тој ќе им ги пренесе на студентите, односот спрема нив и љубовта спрема професијата, студентите ќе го паметат долго.
7. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Во овие услови, особено за факултетите во состав на ФМН, сметам дека единствената предност на ЕКТС е што овозможува поголема мобилност на студентите. И покрај големите предности што во принцип ги дава ЕКТС, мислам дека треба да се поработи на приспособувањето на системот спрема условите и видот на студиите.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Сметам дека вниманието на студентите на предавањата во секој случај треба да биде насочено кон содржината на предавањето и мислам дека добро проследеното предавање е еден од клучните услови за успешно учење. Не преземам некои посебни мерки, се трудам предавањата да бидат интересни, динамични и интерактивни кога е можно. Сепак, морам да го изразам своето задоволство од вниманието со кое студентите ги следат предавањата и од нивната проактивност, што дополнително ме мотивира.
9. Која е Вашата порака до студентите?
Мислам дека студентите на кои им предавам на секој мој час добиваат по некоја корисна порака. Сакам да порачам да бидат позитивни, да учат со љубов спрема знаењето и идната професија, да се дружат и почитуваат меѓу себе, да ги слушаат нашите совети и предавања и да поставуваат прашања, да имаат јасно поставени цели и да се стремат да ги остварат.