Вториот клучен момент беше кога пред дипломирањето на Електротехничкиот факултет во Скопје добив понуда да останам како помлад асистент и да се вработам таму. По таа одлука сѐ некако се одвиваше по природен пат, магистратура, подготовка за докторат и доаѓањето на третиот клучен момент, добивање јапонска државна стипендија (МОМБУШО) за изработка на докторски студии во Јапонија. Со оваа стипендија успеав да ги завршам докторските студии и да докторирам во Јапонија во 1996 година. Веднаш потоа добив негативен одговор од Електротехничкиот факултет дека нема слободно место за мое враќање таму, што ми отвори многу други и подобри можности – работа, истражување и силен едукативен напредок во Јапонија во следните три години, голем број меѓународни трудови и истражувачки резултати. Последниот клучен чекор беше одлуката да се вратам во Македонија во 1999 година, но овој пат во индустријата, во тогашното Електростопанство на Македонија каде што останав сѐ до 2013 година, кога конечно повторно се вратив во академските води како вонреден професор на Електротехнички факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
- Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Моите омилени теми се поврзани со она што практично и сум го работел како докторанд, како професор во Јапонија или, пак, она што го работев додека бев вработен во Електростопанство на Македонија и во Електрани на Македонија. Пред сѐ, тоа се нумерички методи за анализа во електромагнетика, електрични машини и трансформатори и електромоторни погони. Како остаток од работата во електростопанството, пред сѐ, ме интересира и сакам да го пренесам стекнатото знаење од областа на производството на електрична енергија, особено од обновливите извори на енергија, правилното планирање и енергетската политика, како и зголемување на енергетската ефикасност во процесите на електроснабдување. Дел од активностите на факултетот ми се поврзани и со инвестициски анализи, економика во инженерските науки, како и влијанието на енергетиката врз екологијата и економскиот стандард на граѓаните.
- На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се тоа истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Како што споменав погоре, денес пред сѐ сум концентриран кон производство на електрична енергија од обновливи извори и ефикасно користење на енергијата, нејзиното еколошко влијание, како и новите енергетски технологии. Иако на почетокот од кариерата бев повеќе насочен кон анализа и синтеза на електромагнетните појави, особено при проектирањето и анализата на работата на нискофреквентните електроенергетски уреди, како што се мотори, генератори и трансформатори, денес сѐ помалку и помалку се занимавам со оваа проблематика, иако многу често имам голема желба да се навратам на истите. Годините поминати во Електростопанство ми отворија нови можности и нови предизвици кои многу блиску се поврзани со енергетиката како базична наука и економијата во инженерството без кое не може да се пристапи кон реализација на кој било проект. Сметам дека едно од клучните прашања на коешто недоволно се посветува внимание е утврдување на долгорочна и конзистентна енергетска политика која секоја земја мора самостојно да ја донесе и да ја применува.
- Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат електроинженери? Кои вештини им се потребни?
Не мислам дека човек треба да биде предодреден за електроинженер, но секако за да биде солиден електроинженер потребни се определени предуслови кои мора да бидат задоволни. Прво и основно е човекот да има солидни познавања на математика, физика или општо природните науки. Човек кој не сака математика или се плаши од истата не може да очекува успешна инженерска кариера. Математиката, како и сите други науки, се учи но сака многу трпение и многу работа, многу вежбање за кое многумина не се подготвени и затоа велат дека им е тешка за разбирање. Нема подобро чувство од она кога со сопствено размислување ќе се дојде до бараното решение. Покрај тоа, за добар инженер потребно е да се има чувство за истражување, љубопитност, да не се предава лесно по првиот обид кој начесто може да биде погрешен, трпеливост и систематичност во анализите и решавањето на проблемите. На крај, најважно од сѐ е да се сака тоа што се работи, работата да ве исполнува и да ви нуди задоволство.
- Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?
Денешните студенти се многу слабо мотивирани. Имам впечаток како некој друг со сила да ги запишал на факултет и ги тера да завршат. Немаат интерес нешто ново да научат, се обидуваат да ги изберат секогаш полесниот пат и ако може со минимално знаење да се постигне најголем успех. Веројатно и новиот систем на студирање ти принудува на нешто такво. Во минатото, студентите беа силно мотивирани – немаше приемен испит, но затоа само тие што навистина сакаа да студираат електротехника се запишуваа на факултет. Се трудеа максимално, немаше добивање на бодови само со „појавување“ на предавања или вежби, колоквиумите беа само услов за да се дојде до испит, така што секој испит се полагаше три до четири пати – оние кои имаа повеќе од 50% освоени поени од двата колоквиуми беа ослободени од полагање на писмениот дел од испитот, додека сепак мораше да полагаат устен дел од испитот. Ако немаа добиено повеќе од 50% од колоквиум, тогаш мораа да полагаат и писмен и устен испит. Колоквиумите не беа задолжителни, значи може да се оди директно на писмен испит и со освоени над 50% од писмениот испит може да се дојде на устен испит. Често се случување да се положи писмениот испит, но да се падне на устен и тоа по неколку пати. Немаше молење за потписи, ниту за пола или еден бод повеќе, зашто и да се добиеше тој поен од професорот можеше во секој момент да падне на устен испит. На денешните студенти им е многу многу полесно и, за жал, сѐ помалку и помалку учат. Ние како студенти немавме ниту доволно книги за учење, па на предавања одевме не за да добиеме поени туку за да фатиме белешки од она што професорот го зборуваше, решаваше или црташе на табла. Оние малку книги што ги имаше беа или на српско-хрватски јазик или на руски или бугарски јазик. Но, пак ќе кажам, имаше голема сплотеност, другарство, заедничка работа и сето тоа условуваше резултат.
- Што за Вас значи добар универзитетски професор?
Добар универзитетски професор е оној професор кој знае да мотивира. Кој знае да ги натера студентите да доаѓаат и да ги слушаат предавањата, да ги натера и во слободно време да размислуваат за темите од предавањата, да ги ангажира со домашни активности кои нема да им пречат во студирањето, туку само да ги научи да утврдат кои им се можностите и интересите. Добар професор треба да биде строг и правичен за време на предавања и испитувањата, но исто така и постар другар и советник помеѓу часови и во слободното време. Да знае кога и колкава дистанца да остави меѓу себе и студентите. На крај, добар професор е тој што ќе оцени колку и што студентот знае, а што и колку не знае.
- Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Единствена предност на овој систем е брзиот и безболен трансфер на студентите и нивната универзална поврзаност со другите студии, другите универзитети во земјава и во странство. Собирањето на кредити само овозможува да се направи избор помеѓу, за жал, ограничен избор на предмети кои би се совладале и е практичен за земји и факултети каде што има голем број професори, асистенти и предмети меѓу кои може да се бира, како и можност за поголема флуктуација на теми и области. Кај нас, каде што бројот на професори е сериозно мал, бројот на асистенти уште помал, нема шанса да се отворат толку многу специфични предмети кои би можеле да им бидат од корист на студентите. Од друга страна, воопшто не е важно дали еден предмет што носи 8 кредити некој ќе го положи со 6, односно едвај ќе го положи, или некој ќе добие 10 за истиот предмет – и двајцата студенти добиваат 8 кредити и толку!? Значи нема градација на квалитет и награда за тоа. Искрено, мислам дека системот по кој ние студиравме беше многу подобар и поправичен и резултираше со повисок квалитет на дипломираните студенти.
- Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Нема некоја тајна за тоа – секогаш мора да бидете подготвен за предавања. Јас за секое предавање барем 15 минути се подготвувам иако го предавам подолго време. Не се осмелувам да застанам пред студентите и да импровизирам. Сакам да им го кажам тоа што сметам дека треба да го знаат и што може да ги заинтересира, па потоа сами да бараат на интернет или по книги нешто повеќе за тоа. Истото го правам и со семинарски работи – бидејќи држам настава на повисоките години, им давам најнови стручни и научни публикувани трудови да ги разработат, да ги разберат и потоа да ги презентираат во 10-15 минути пред останатите студенти. Имам среќа што имам релативно мал број студенти, па со нив можам постојано да комуницирам речиси еден на еден, така што тоа доста ми помага. Задолжително користам презентации за предавањата, а многу често и видео снимки или компјутерски анимации за да можат да го видат тоа што јас се обидувам да го кажам, но тие не можат така лесно да го разберат. Колку сум успешен во тоа, веројатно студентите можат да кажат.
- Која е Вашата порака до студентите?
Да учат, тоа е единствено што го бараме од нив. Да учат бидејќи она што ќе се научи никогаш не е залудно. Никогаш нема да знаеш кога ќе ти затреба. Никогаш не знаеш каде ќе работиш и со каков проблем ќе се судриш. Затоа е потребно да се учи сѐ и постојано, мозокот потоа ќе си направи распределба што и каде треба да остане во меморијата. Учете, сакајте ја и ценете ја својата професија, бидејќи ако вие не ја сакате не очекувајте некој друг да ја сака и да ве цени.