- Инфо-клубовите постојат на универзитетите во Македонија со цел да им се даде поддршка на младите и да им се доближат сите информации кои се однесуваат на активните мерки за вработување, како и да се воспостави врска за поблиска комуникација помеѓу локалниот бизнис-сектор и младите. Се надевам дека досега ја исполнуваме таа улога и токму затоа побаравме од младите да ни кажат што мислат за нас, да го напишат тоа и да го постават на социјалните мрежи со цел и другите млади луѓе да имаат претстава колку Инфо-клубот би можел да им биде од помош изјави Мартина Ѓеорѓиева, локален координатор во Инфо-клубот на Кампус 2 на УГД.
„Од информација до кариера“, така се насловени инфо-клубовите во Скопје, Битола, Штип и во Тетово со цел на младите луѓе, студенти во завршните години и млади невработени лица до 29 години да им се помогне да се вклучат активно на пазарот на труд со помош на навремени, релевантни и точни информации. Формирани како заеднички проект на Агенцијата за вработување, Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика, а поддржани од УНДП, овие инфо-клубови спроведуваат најразлични активности.
Инфо-клубот во Штип упати и покана до сите студенти и млади луѓе во регионот да го посетата овој клуб и преку можностите што ги нудат да се запознаат и да се усовршат во својата кариера, полесно да пронајдат работа или пак пракса. Клубот работи од понеделник до петок од 9 до 13 часот во Кампус 2 на УГД.