Профилот преведувач и толкувач поблиску до студентите

Реномираната професорка и преведувачка со долгогодишно искуство проф. д-р Силвана Симоска од Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје одржа предавање пред студентите на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип на тема „Die Wortbildung als kreativer Sprachprozess“ (Зборообразувањето како креативен јазичен процес).

Предавањето се одржа на 30 септември 2016 год. во просториите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во Кампус 4, и претставува само еден сегмент од многубројните активности на вработените и студентите во рамките на проектот „Стекнување и развивање на преведувачко-толкувачките компетенции кај студентите на насоката преведување и толкување преку примена на најновите транслатолошки достигнувања и технологии“. Проектот почна да се реализира во почетокот на 2016 година и се планира да продолжи да се интензивира во текот на 2017 година, со можност за продолжување. Во проектот се вклучени повеќе наставници и соработници од Филолошкиот факултет и сите студенти од насоките за преведување и толкување.

Проф. д-р Силвана Симоска ја искористи пригодата на Филолошкиот факултет да му подари десетина примероци од монографијата „Контрастивни проучувања: сложени именки во германскиот и во македонскиот јазик“, која студентите ќе можат да ја користат како дополнителна литература. Книгата е веќе достапна во библиотеката на Кампус 4.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…