Студентки од УГД стипендистки на ДААД

Две студентки од Филолошкиот факултет - Катедра за германски јазик и книжевност, Роберта Костадиновска и Николина Лукароска, благодарение на стипендијата ДААД добија можност ова лето да заминат во Германија, каде што посетуваа едномесечен курс за изучување на германскиот јазик. Станува збор за стипендија што ја доделува Германската служба за академска размена, наменета за сите студенти кои се во втора и трета година студии, со предуслов да го познаваат германскиот јазик.

Роберта Костадиновска имала можност да посетува курс организиран од Слободниот универзитет во Берлин. Зборувајќи за своето искуство од курсот, Роберта ја нагласува интерактивноста во методите на изучување на јазикот во постојаната групна работа, бројните групни проекти, дебати и дискусии од областа на германската политика, економија и особено националната историја и историјата на Берлин.

За разлика од Роберта, Николина Лукароска го искусила пристапот на изучување на германскиот јазик во Јазичната академија во Ахен.

- Слободно можам да кажам дека наставата што ја посетував беше навистина интересна, обработувавме теми од секојдневието, зборувавме за заштита на животната средина, информатика, медицина, политика и економија, следевме аудио и видео материјали на германски јазик, па дури и читавме германски приказни и пишувавме свои текстови  вели Николина.

Стипендијата ДААД е наменета за студенти од целиот свет, што значи дека нема само едукативни цели туку е и можност за сплотување на различни култури. За искуството од курсот Николина вели дека е нешто што се памети цел живот, токму поради можноста за запознавање на стипендисти од целиот свет, осознавање и прифаќање на културните разлики, како и можноста за споделување на ставови за најразлични теми.

 - Курсот што го посетував претставуваше прекрасен микс на култури. Имав можност да се запознаам со студенти од целиот свет, што за мене беше воодушевувачко. Имав цимерки од Киргистан, Русија, Тајланд и Јапонија и шансата да се зближам со сите нив за толку краток период беше неверојатна вели Роберта.

Покрај запознавањето со туѓите култури, Роберта и Николина имале можност да ги претстават и македонската култура, македонската музика и храна за кои, како што велат, наишле на позитивни реакции од останатите стипендисти.
Покрај тоа што се запознале со принципите и методите на изучување на јазик во Германија, студентките истовремено ја искусиле и германската култура и начинот на функционирање и живеење во Германија. Ваквото искуство за нив, како што велат, создало слика за Германија како земја што нуди огромни можности, особено за младите кои таму добиваат можност да ги искористат своите потенцијали и ентузијазам и да се реализираат во успешни млади луѓе, поради што и двете би можеле да ја видат својата иднина во Германија. 

Последен пат изменето на Понеделник, 21 Ноември 2016 12:24
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…