Во рамките на посетата државниот советник Марјан Поњавиќ, одговорен за постапување по случаите поврзани со дискриминација и говор од омраза, ги запозна студентите директно со работата на народниот правобранител, со неговите надлежности, функции, постапки и слично, при што тие имаа можност директно да се сретнат со извршителите во постапките по случаи од дискриминација и криминал од омраза. Всушност, студентите создадоа идеја за тоа како и на кој начин народниот правобранител постапува по овие случаи, ги остварува своите надлежности, им помага на загрозените лица да ги заштитат и да ги остварат своите права и, пред сѐ, кои се предизвиците со коишто правобранителот се соочува во текот на постапката. Дискусија се разви околу степенот на успешност во имплементацијата на мислењата на народниот правобранител од страна на институциите во Република Македонија, како и околу неговата ненадлежност да постапува по случаи од дискриминација и говор од омраза во приватниот сектор, кога таму најмногу се регистрираат вакви или слични случаи.
На предавањето на студентите им беа поделени информативни материјали и брошури поврзани со темата на посетата. На посетата присуствуваа 43 студенти од Правниот факултет во Штип и дисперзираните студии во Струмица, и тоа од сите студиски насоки и од сите студиски години.