Конкурсот е распишан на 4.11.2019 година и ќе трае до 12.11.2019 година.
Студентите кои сакаат да бидат членови на Факултетското студентско собрание треба да достават пријава и потврда за студент на соодветниот факултет кај техничките секретари на нивните матични факултети.
Сите пријави ќе ги разгледуваат комисии кои се веќе формирани во рамките на факултети при УГД и согласно со тоа ќе се распишат избори за Факултетско студентско собрание на сите факултети на 4.12.2019 година од 10.00 до 15.00 часот.
На денот на изборите секој студент има право да гласа на својот матичен факултет со приложување на индекс.
Факултетско студентско собрание треба да се избере на секој факултет и тоа брои 10 студенти. Откако ќе се конституира собранието, на конститутивна седница тоа ќе треба да избере претседател на собрание на факултет и да именува по двајца членови во Универзитетско собрание, еден или двајца членови (зависно од статутот) во наставно-научните совети на факултетите и по еден член во Одборот за соработка и доверба со јавноста.
Откако Факултетското собрание ќе формира Универзитетско собрание тоа на конститутивна седница ќе избере претседател на Универзитетското собрание и ќе именува соодветни претставници во телата на Универзитетот.
Целата постапка ќе заврши со формирање на нови раководни студентски тела според новиот Закон и Статут на УГД.
Мандатите на сите студентски функции се во траење од една година.