Во претходниот дел од овој серијал го третиравме проблемот со тоа што значи Европскиот кредит-трансфер систем, а овој пат ќе ги објасниме правата и обврските на студентите за времетраењето на студирањето и предавањата.
Според правилата, еден семестар, заедно со предавања, испитни рокови и празници, треба да трае 19 недели, а од тие 19 недели студентите треба да имаат 12 недели предавања.
Доколку сакаме да го изразиме во часови, студентите (заедно со предавања и испити) треба да поминат 760 часа.
Оптовареност на студентот по предмет зависи од кредитите што ги носи тој предмет. Во оптовареноста на студентот се смета и настава, практични вежби, учење и семинарски.
При определувањето на бројот на кредитите за одреден предмет треба да се има предвид следново:
- една академска година носи 60 кредити, еден семестар 30 кредити;
- студентот за време на студирањето работи (учествува во наставата и консултациите, се подготвува за настава, учи, изготвува семинарски работи, проекти и сл.), како и секој друг вработен, не повеќе од 8 часа дневно, 5 дена во неделата, односно вкупно 40 часа неделно.
Добро е да споменеме дека задолжителните матични предмети за одредена студиска програма носат по 6 или осум кредити, а тоа значи од 150 до 180 часови оптоварување за предметите со 6 кредити и од 200 до 240 часови оптоварување на студентите за предмети кои носат 8 кредити.
Изборните и нематичните предмети носат 4 кредити, а тоа значи дека по тој предмет студентот треба да има 100 до 120 часа оптоварување.
Доколку има и т.н. вонкурикуларни, изборни или задолжителни предмети (физичко-спортски активности, втор јазик и слично) тие се вреднуваат со 2 кредити и го оптоваруваат студентот од 50 до 60 часа во еден семестар.
Тоа се дел од правата и обврските на студентите кои студираат според ЕКТС на Универзитетот „Гоце Делчев“, но и на останатите универзитети во државата. Следната седмица ќе објасниме колку време треба да траат предавањата и вежбите.