Професор од САД дебатираше со студентите на Филолошки факултет

Студентите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип имаа убава можност да слушнат искуства за популарната култура, преку средбата која ја имаа со професорот Мајкл Рокленд, од Универзитетот Њу Џерси, Оукленд, САД.

Професорот Рокленд во Македонија престојува преку Фулбрајт програмата, преку која и професори и студенти од УГД и од Р.Македонија престојуваат во САД.

- Јас сум овде преку Фулбрајт програмата, преку која американските професори доаѓаат во Македонија. Поголемиот дел ќе бидам во Скопје, но среќен сум што  денеска сум и во Штип. Со студентите ќе разговарам за популарната култура. Знаете, универзитетите многу често се фокусираат на онаа елитистичка култура, но јас навистина сакам да зборувам за популарната култура, која кажува каков е народот всушност. На факултетите често знаеме да кажеме и ги цитираме книгите како главен извор на знаење, а и се потенцира дека книгите се подобри од другите форми на уметноста, на крајот на краиштата ние професорите пишуваме книги и ги промовираме. Кога на мои пријатели во САД им кажав дека ќе одам во Македонија да предавам за популарната култура, ме прашаа зошто , што ќе кажам за американската популарна култура. Тој пријател кој ме праша зошто сакам да предавам за популарната култура,секогаш кажува дека книгата е подобра од филм, што е глупаво да се каже, бидејќи тоа се две различни форми на уметност, тоа е како да кажеш дека некоја слика е подобра од некоја симфонија на пример. Популарната култура денес се живее, и затоа сум тука, да ја раскажам таа приказна – изјави професор Рокленд.

Посетата на професорот од САД е дел од активностите кои ги има Филолошкиот факултет за да им овозможи на студентите да добијат светски искуства за повеќе области од животот преку директни контакти и средби со познати професори, изјави деканот на Филолошкиот факултет, доц.д-р Драгана Кузмановска:

- Ние како Филолошки факултет при УГД сме отворени за секаков вид на соработка, досега бевте сведоци на повеќе наши проекти и гостувања на различни професори, овој почесен професор ни е денес гостин преку Фулбрајт програмата, и тој ќе се обиде на еден интерактивен начин со нашите студенти англисти, а секако и со другите групи да ја претстави својата култура, односно да размени свои видувања и идеи со нашите студенти, што секако е добредојдено за нив за зголемување на нивниот вокабулар, лексика, а секако и за запознавање со една ваква личност.

 

Последен пат изменето на Петок, 11 Март 2016 15:24
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…