Студентот Марио Михајлов: интерактивната настава најголема предност на УГД

Дипломиран економист на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Магистрант по финансии на Институт за финансиска анализа на Универзитетот во Нојшател, Швајцарија

1. Кој беше твојот главен предизвик во избор на твојата идна професија?

Сѐ уште е рано да се зборува за професија, но кај мене уште многу одамна сама по себе се наметна посебна врска со економијата и финансиите. Немав никакви дилеми дека сакам да студирам економија. Секогаш ме интересирале глобалните макроекономски трендови и настани, како тие се рефлектираат на микро ниво, кои се причините и последиците за појава на истите, берзанските текови, однесувањето на индивидуалните и институционалните инвеститори итн. Уште пред завршувањето на Економски факултет во Штип решив дека сакам да се специјализирам во областа на финансиите. Таа желба за детално навлегување и изучување на финансиите ме донесе во Швајцарија, каде како магистрант сум дел од Институтот за финансиска анализа на Универзитетот во Нојшател.

2. Кои се предностите на студирањето на УГД?

Сметам дека константната евалуација на напредокот на знаење на студентите преку колоквиуми е позитивна, затоа што на тој начин студентите се поттикнуваат на континуирана работа, рутина која ќе им биде потребна во понатамошното професионално делување. Интерактивната настава, можноста за директна соработка со професорите и асистентите се исто така два аспекти кои први ми доаѓаат на памет кога се навраќам на моите студии на УГД. Знаете, кога ќе забележат љубопитност, желба и иницијатива кај студентите, голем дел од професорите со задоволство вложуваат дополнителни напори за да реализираат поголем напредок во капацитетите и знаењето на студентите. Токму таа блиска соработка која ја стекнав со дел од професорите ми овозможи дополнително да се надградувам и сето тоа да биде верифицирано од Институтот за финансиска анализа на Универзитетот во Нојшател, каде веќе успеав успешно да го комплетирам првиот (елиминационен) семестар. Велам елиминационен, затоа што овде е пракса во текот на првиот семестар професорите да го применуваат процесот на дополнителна селекција. Како резултат на тоа, речиси половина од студентите беа елиминирани од програмата.

3. Кога би можел да направиш некоја промена за подобар квалитет на студентскиот живот, која би била таа промена?

Сметам дека е многу важно значително да се подобрат условите во студентските домови. Јас имав среќа да бидам роден и да живеам во Штип, но голем дел од студентите на УГД не се од Штип, па обезбедувањето на квалитетните услови за живот е клучен аспект за подигањето на стандардот на студентскиот живот.

4. Кој е твојот најинспиративен професор?

Не би можел да издвојам еден професор, но дефинитивно големо влијание врз мене имаа професорите кои ни предаваа предмети во областа на банкарството и финансиите.

5. Како се справуваш со тремата пред испит?

Со темелно изучување на материјалот за испит. Константното надградување со знаење и навремената подготовка за испит сметам дека се доволни за справување со тремата. Но, позитивна трема секогаш постои и не може да ви наштети, туку напротив, ве држи фокусирани.

6. Како го поминуваш времето после предавањата, имаш ли некакво хоби?

Додека бев студент на УГД, времето после предавањата го користев за дружење со колегите од факултет и пријателите. Дефинитивно голем дел од времето го користам во читање на стручна литература во областа на финансиите и тоа го практикувам уште додека бев на додипломски студии. Од многу одамна мое хоби е фудбалот, но за жал, сега поради недостаток на слободно време немам можност да го практикувам.

7. Колку според тебе е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?

Социјализирањето дефинитивно е важен аспект во процесот на градење на една личност. Покрај посветеноста за време на наставата и учењето и надградувањето во континуитет, сметам дека дружењето со колегите, разменувањето на мислења и идеи, создавањето на нови пријателства се многу важен дел од сложувалката за секој студент.

8. Каде се гледаш себеси за пет години?

Велат дека иднината ја одредуваме со нашите постапки во сегашноста, па одговорот на прашањето ќе биде во таа конотација. Во моментов вложувам огромни напори во моите магистерски студии во областа на финансиите и моја првенствена цел е успешно да ги комплетирам. Паралелно со тоа, решив дополнително да се надградувам во областа на финансиската анализа, па следствено на тоа си зададов уште еден предизвик со регистрирањето на CFA (Chartered Financial Analyst) програмата, во рамките на CFA институтот. Се работи за меѓународно призната интензивна програма во областа на финансиите и финансиската анализа составена од три обемни испити. Првиот испит ќе го полагам за неполни три месеци, се надевам дека епилогот ќе биде позитивен. За пет години, претпоставувам ќе бидам во областа на финансиите, поконкретно финансиската анализа, но дали навистина ќе биде така, времето ќе покаже.

Последен пат изменето на Понеделник, 14 Март 2016 16:13
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…