- На студентите ќе им покажеме практично како можат да ги користат алатките за преведување, ќе избереме еден дел од студенти кои тие работи најдобро ги владеат, и тие на некој начин ќе бидат наши асистенти , а всушност ќе им помагаат и на своите колеги. Проектот „Ментор“ претставува обука на студенти која ќе трае две години. Тоа значи дека студентите кои покажале интерес, како од Филолошкиот, така и од другите факултети и катедри, а се заинтересирани да станат преведувачи, ќе ги тестираме , треба да покажат некое ниво на знаење, и тогаш ќе бидат вклучени во проектот „Ментор“. Со нив ќе работат ментори, и тие ќе преведуваат, но и ќе учат како правилно да се однесуваат кон самото преведување. Во овој момент работиме на обука на околу 100 студенти, но во самиот проект можат да влезат многу повеќе. Се зависи од нивната желба и интерес, како и нивното знаење и волја тоа да го направат во следните две години – изјави Драган Шибанц од ПСД од Словенија.
Во проектот ќе можат да бидат вклучени и студенти од другите факултети на УГД, кои имаат познавања и афинитети да се занимаваат со преведување, но носител е Филолошкиот факултет, чиј декан доц. д-р Драгана Кузмановска вели дека покрај спојувањето на теоретското со практичното за студентите од насоката преведувачи, дел од нив ќе имаат можност и да бидат ангажирани како преведувачи:
- Преку ова преведувачко биро ние сакаме да го споиме теоретското со практичното во преведувањето, за насоката Преведувачи на Филолошкиот факултет. Проектот „Ментор“ опфаќа една голема група на студенти кои се заинтересирани да работат како преведувачи. Овој проект нуди понатаму и нивно вработување, оние кандидати кои ќе се пријават на овој проект и кои ќе постигнат видни резултати ќе бидат ангажирани од оваа еминентна фирма и ќе добиваат надоместок за тоа. Ние преку медиумите и преку Универзитетското радио и телевизија ќе објавиме јавен оглас. Пред се во овој проект ќе можат да се вклучат студентите од Филолошкиот факултет, но ги проширивме границите и можат да се вклучат и студентите од целиот Универзитет, и секако нашите завршени дипломци и постдипломци. Значи овој проект ќе биде од пошироки рамки се со цел мобилизирање на нашите преведувачи и нивна можност за спојување на стекнатото знаење во текот на студирањето со праксата која секако е неопходен дел да се направи една целина кога станува збор за профилирање на некоја професија.
Во наредните денови ќе се одржат обуките и предавањата со студентите од повеќе насоки на Филолошкиот факултет, по што ќе биде објавен и јавниот оглас на кој ќе можат да се пријават заинтересираните кандидати.