Интервју со Петар Трбојевиќ, студент на Музичка академија: Студентските размени се важни за развојот на личноста

1. Кој беше главниот предизвик во изборот на твојата идна професија?

Потекнувам од музичка фамилија, така што од моето раѓање растам со звуците на класичната музика. Така се роди огромната љубов кон класичната музика. Професијата со која ќе се занимавам ја избрав уште во основно училиште, кога се запишав во основното музичко училиште во Штип, но имав повеќе интереси, кои претежно беа поврзани со уметноста. Почнав да свирам пијано од многу мал и некако природно знаев дека, всушност, ова е професијата на мојот живот. Најмногу од сѐ ме привлекуваа концертниte настапи на кои учествував.  Следуваше средното образование, а потоа и

Музичката академија којашто ми понуди широк спектар на научно растење и зацврстување на она што може да се нарече професија.

2. Кои се предностите да се студира на УГД?

Постојат голем број предности. Студирам во родното место, што е огромен економски бенефит, пред сѐ,  а Музичкаta академија ги има условите кои сметам дека треба да ги поседува еден факултет. Исто така, покрај студирањето дома, Универзитетот им нуди на своите студенти престој во странство, преку студентски размени, семинари, кои се мошне важни за разојот на личноста, низ науката. Постои и квалитетен кадар, кој несебично ни ги пренесува знаењето и искуствата нам студентите.

3. Кога би можел да направиш некаква промена за подобар квалитет на студентскиот живот, каква би била таа промена?

Би се фокусирал на уметноста и она што таа може да го понуди. Во почетокот на студирањето имаше почести настани, кои вредеа да се посетат: претстави, концерти, перформанси и сл., но во последно време тие се сѐ поретки. Студентите, како и сите млади луѓе имаат потреба од следење на настани преку кои ќе ги задоволат своите вкусови. Сметам дека ни фали дружба, собирање на повеќе студенти од сите факултети, при што би се говорело за студиите, за она што се изучува и сака, а со тоа би се подобрил студентскиот живот. Алтернативата како начин на изразување, творење, но и следење на нештата исто така сметам дека не е доволно застапена. Иако постојат центри кои нудат слободно изразување на студентите, како што се радиото и телевизијата, сметам дека не се потполно прифатени од страна на поголемиот број студенти, иако нудат прекрасна содржина за сечиј вкус.

4. Кој е твојот најинспиративен професор?

Музичката академија, која претставува институција во која се работи со таленти, сама по себе инспирира. Така поголем број од професорите се инспиративни на свој препознатлив начин, што ни претставува големо задоволство. Преку вистински методи, претходно образование и сегашни амбиции, професорите успеваат да ги инспирираат студентите, а со тоа и да нѐ научат и ние во иднина да претставуваме инспирација некому. Секако, најголема инспирација за мене е мојата професорка по пијано Милица Шкариќ, која не штедејќи ги своето време и своето знаење ми го покажува правилниот пат на пијанистичката техника и интерпретација, со што ми влева голема љубов кон музиката и пијаното.

5. Како се справуваш со тремата пред испит?

Кај мене не постои голема доза на трема пред испит. Секогаш одам подготвен и сметам дека материјалот, колку и да е обемен, доколку се совлада целиот се појавува некоја позитивна мала трема што е корисна за испитот. Морам да напомнам дека нашите испити по пијано се, всушност, цели концерти, кои честопати се со отворен карактер, присутна е публика, па така поголема е одговорноста за овие испити. Но, истовремено овде е присутно задоволството од настапот на сцената што ме мотивира да го подготвам овој испит многу студиозно и беспрекорно.

6. Како го поминуваш времето по предавањата, имаш ли некакво хоби?

Покрај дружбата со колегите имам и неколку хобија, без кои не би се замислил. Скоро низ целото мое студирање присутен сум и во радиото, медиум низ кој учам и се развивам. Најпрво започнав со радиоемисија под наслов „Музички инспирации“, која имаше за цел да ја доближи класичната музика поблиску до студентите, под менторство на Стефанија Лешкова-Зеленковска, професорка на Академијата. Денес имам своја емисија која се занимава со теми повторно од уметноста, музиката или поконкретно за електронската музика како правец. Насловот е „Техно култура“, а идејата е да се промовира, слуша и научи нешто повеќе за техното, како една култура која во денешно време го зазема централното место, во електронската музика. Се занимавам и со спорт, подолг период тренирам тенис, а учествувам и на литературни читања и перформанси во Драмското студио на мојот омилен ментор Симеон Гаврилов.

7. Колку, според тебе, е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?

Доколку не би биле колегите и оние паузи пред или по предавањата терминот студентски живот не би бил во целост точен. Битни се, бидејќи се подобрува социјалниот живот, и секогаш може да се дознае и научи нешто плус. Во мојот случај, моите колеги се и мои добри пријатели со кои заедно се натпреваруваме, учиме, и си претставуваме потпора низ текот на студирањето. Заедно учиме, разменуваме одреден материјал, се консултираме, а секако овде се и заедничките забави со колегите од целокупниот Универзитет.

8. Каде се гледаш себеси по пет години?

Во моментот главна преокупација е мојот дипломски концерт, со кој би го завршил своето студирање. По пет години, веројатно, успешен професор и пијанист, со млади и амбициозни талентирани луѓе на кои ќе им го пренесам своето знаење. Бидејќи целиот живот е учење, се надевам исто така на некој универзитет во странство, каде што ќе се усовршам на повисоко ниво во мојата област.

Последен пат изменето на Вторник, 22 Март 2016 15:06
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…