Разговор со Иван Николов – студент на Правен  факултет: Кога луѓето си мислат добро едни на други, тогаш навистина владее правдата

• Кој беше твојот главен предизвик при избор на твојата идна професија?

Во животот најмногу ме нервираат неправдата и лошото поведение. Одлучив да студирам Правен факултет со цел во животот да можам да одлучувам во правораздавање.

• Кои се предностите при студирањето на УГД?

Предностите се огромни и многу олеснителни за нас студентите. Најпрво сум дома и во својот град, единствено нешто што се промени е еден степен погоре - академски граѓанин. Секако, и добрата и навремена теоретска и практична настава од страна на сите професори.

• Кога би можел да направиш некоја промена за подобар квалитет на студентскиот живот, која би била таа промена?

Практична настава за секој факултет  во соодветната област - насока на студирање. До сега сум имал можност често да присуствувам на практична настава, како во судот така и во Јавното обвинителство. Имав можност лично да ја увидам разликата и позитивната промената што ја донесува практичната настава кај нас како студенти за време на студирањето и вистина е дека праксата секогаш носи поголем резултат отколку теоријата.

Стекнатото искуство од практичната настава е огромна предност за во иднина.

• Кој е твојот најинспиративен професор?

Моите најинспиративни професори се доц. д-р Олга Кошевалиска и проф. д-р Тодор Витларов, поседуваат огромно знаење и искуство во областа на кривичната материја и знаењето ни го пренесуваат несебично и на многу креативен начин. Показател за тоа е и симулираното судење на Правниот факултет кое се одржа на 13 мај 2015 година, каде што професорката Кошевалиска ни овозможи нам студентите да се видиме во улога на судии, јавни обвинители, адвокати. Но, исто така, сакам да ја споменам и професорката Борка Тушевска, која лично за мене претставува врв на научното достигнување.

• Како се справуваш со тремата пред испит?

Немам трема, бидејќи во сите овие години ги научив професорите и нивниот начин на работа. Со добро совладан материјал и подготовка нема простор за трема.

• Како го поминуваш времето по предавањата, имаш ли некакво хоби?

Најмногу обожавам да читам историски книги, да го истражувам животот на истакнати и познати личности, како низ историјата така и денес. Ги користам тие книги и за анализа на тогашните правни уредувања во историјата и разликите што постојат помеѓу тогашните и сегашните уредувања. Навистина може да се извлече добра поука од анализи на овие книги.

• Колку според тебе е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?

Важно е. По предавањата најмногу сакам да се дружам со моите колеги. Одењето во кафулиња и на студентски забави е нешто што е составен дел од студентскиот живот и останува во добро сеќавање. Верувам дека приватното дружење помеѓу колегите придонесува и за попријатна и поинтерактивна комуникација за време на предавањата и вежбите.

• Каде се гледаш себеси по пет години?

Се гледам во Академија на судии и јавни обвинители. Мојата визија е да судам во скопскиот Кривичен суд како најголем кривичен суд во Република Македонија, каде што е сместено и Одделението за организиран криминал и корупција. Сметам дека во секоја држава една од најбитните работи што треба да се постигнат е многу мал процент на организиран криминал и корупција. Кога луѓето си мислат добро едни на други и си помагаат наместо да си одмагаат – тогаш навистина владее правдата.

Последен пат изменето на Четврток, 24 Март 2016 10:29
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…