Разговор со Сара Петров – студентка на Ликовна академија: Студирањето во сопствениот град е голема предност

Кој беше главниот предизвик при изборот на твојата идна професија?

Како секој ученик, којшто има свои желби и афинитети, така и јас ја сакам ликовната уметност која ме исполнува, како единствен начин за искажување на моите способности на хартија, платно или во друга техника да ги прикажам моментите што ме инспирираат. Ја имам честа да бидам дел од првата генерација студенти по класично сликарство на Ликовната академијата  при УГД - Штип.

Кои се предностите при студирањето на УГД?

Да се биде студент во својот град е во голема предност од економски и  од социјален поглед. Трошоците околу студирањето, без разлика на сите бенефиции што ги дозволува Министерството за образование, се неспоредливо мали во однос на студентите кои своето образование треба да го продолжат на други факултети надвор од местото на живеење. Со отворањето на УГД  во Штип на многу студенти од градот, а и околината, им се даде можност за студирање без разлика на материјалната положба и на овој начин со намалени трошоци  стануваат високообразовани граѓани, а  тоа значи и поквалитетно општество. За важноста на УГД - Штип се доказ и големиот број студенти кои студираат, а доаѓаат од други држави од нашето соседство, а и од  други нам пријателски земји кои го респектираат нашиот образовен систем и  рејтинг на УГД - Штип. На тој начин вршат и директна афирмација на нашето школство, град и држава.

Кога би можела да направиш некоја промена за подобар квалитет на студентскиот живот, која би била таа промена?

Со бројот на студентите на УГД  во Штип, што секоја година е сѐ поголем, неминовно е потребен студентски град кој ќе ги поседува сите неопходни потреби што ги има еден студент. Во склопот на тој студентскиот град или, ајде да кажеме, студентска населба би требало, покрај основните потреби од кујна, тоалет, спални, брачни апартмани, амбуланта, да има и мултифункционални занимални, сали за рекреација и дружење. На тој начин студентите би биле удостоени како вистински чинители на ова општество кои со задоволство би ги исполувале своите обврски на планот на личното образование, а тоа би била и најголемата причина бројот на студентите секоја година да биде сѐ поголем.

Кој е твојот најинспиративен професор?

Секој професор е инспиративен на свој начин. Можам да се пофалам и слободно да кажам дека ние студентите на Ликовната академија на извесен начин сме и најпривилегираните студенти, затоа што на нашата Академија работат и творат високостручни уметници од Русија, покрај нашите врвни имиња, кои на секој начин се трудат да нѐ воведат во техниките на разни видови на уметност, од реализам до класика и уште многу други ликовни техники.

Како се справуваш со тремата пред испит?

Тремата постои кај секој студент, како неминовно нешто во карактерот на човекот. Колку и да си сигурен во себе и твоето дело, тремата е тука некогаш помала, некогаш посилна, но во некои ситуации и многу голема во зависност од тоа пред кој професор го изнесуваш своето знаење или во мојот случај дело со облик или слика.

Како го поминуваш времето по предавањата, имаш ли некакво хоби?

Слободното време му е неопходно на секој човек. Така и јас имам свое слободно време кое е посветено на моето семејство и семејните вредности, пријателите и мојата љубов-сликарството, ако може да се нарече хоби.

Колку според тебе е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?

Дружењето, дружељубивоста, колегијалноста, парламентарноста се неопходни за целото да биде цело или човекот да биде среќен, нормално до точката на возможноста. Тука спаѓа и толеранцијата која е како нишка меѓу карактерите кај луѓето.

Каде се гледаш себеси по пет години?

Како дипломиран професор по ликовно сликарство, во некое училиште меѓу младите на кои со љубов би им ја пренела мојата умешност за создавање на уметнички дела. Верувам дека мојот сон обоен во боите на сонот ќе стане реалност.

Последен пат изменето на Вторник, 29 Март 2016 12:32
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…