2. Кои се предностите при студирањето на УГД?
- Фактот што Универзитетот е релативно млад, а примамува сѐ повеќе студенти секоја година, зборува многу. Разноликоста на наставните единици во состав на Универзитетот, квалитетниот кадар и текот со новите светски технолошки трендови се само дел од нив. Би додала и уште еден огромен плус на УГД. Меѓууниверзитетската соработка остварена со универзитети од други земји, благодарение на која јас поминав два прекрасни семестри на универзитети во Романија и во Полска.
3. Кога би можела да направиш некаква промена за подобар квалитет на студентскиот живот, која би била таа промена?
- Би обрнала поголемо внимание на практичниот дел од студирањето. Сметам дека секој студент заслужува добри резултати, кои од моето досегашно искуство, најдобро се постигнуваат со пракса.
4. Кој е твојот најинспиративен професор?
- Професорскиот кадар на Факултетот за информатика е составен од квалитетни професори и асистенти. Иако до сега сум имала одлични искуства со сите професори, лично би ги одвоила професорите доц. д-р Зоран Здравев и проф. д-р Сашо Коцески. Нивниот пристап кон практичната работа многу ми помогна во досегашното надградување на моето знаење.
5. Како се справуваш со тремата пред испит?
- Во почетокот имав голема трема, а особено пред устен испит. Со текот на времето сфатив дека стравот од „public speaking“ е само дел од мојата потсвест, па сега немам никаков проблем пред испит.
6. Како го поминуваш времето по предавањата, имаш ли некакво хоби?
- Се трудам своето време да го искористам максимално ефективно, па така постојано си наоѓам занимации. Едно време бев и претседател на Локалниот комитет во Штип на Невладината организација „ИАЕСТЕ“. Хоби ми е и учењето на странски јазици, реакцијата што ја добивам кога некој од друга земја ќе сфати дека го разбирам, едноставно ме забавува. Нормално, не изостанува секојдневното дружење со пријателите и опуштањето со добар, култен филм, серија, а неретко и книга.
7. Колку, според тебе, е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?
- Имам среќа да се најдам во околина на одлични колеги. Таа дружба на паузите, а и на студентските забави, значително го прошири мојот круг на добри пријатели. Чести се колегите од различни градови од Македонија, па одвреме-навреме дружбата ја селиме и кај нив.
8. Каде се гледаш себеси по пет години?
- Со оглед на тоа дека ги завршувам додипломските студии, веќе размислувам и за магистерски студии. „Око“ ми фатија програмите Вештачка интелигенција и Роботика, па се надевам по пет години ќе бидам успешна токму во некоја од тие две области.