- Студентите се свесни за важноста на практичната работа за време на студирањето, но сите не успеваат да добијат соодветна пракса. Ти си студентка која имаше можност за практична работа во една од најуспешните компании – „Џонсон контролс“. Како ја доби оваа можност?
Универзитет „Гоце Делчев“ има потпишано Меморандум за соработка со „Џонсон контролс”, а со тоа се отворија и вратите за пракса и вработување на студентите на УГД. Моментално сум во секторот Финансии, каде што, се разбира со помош на моите колеги, се стекнувам со потребните „финансиски вештини” што треба да ги има секој студент од Економски факултет пред дипломирање.
- Каква е работната атмосфера таму? Дали постои конкуренција и компетиција помеѓу вработените?
„Џонсон контролс” ме изненади со една хармонична работна атмосфера. Тие имаат развиено интегриран систем на работа и специјализација во своите работни активности, па помеѓу вработените постои само една хоризонтала и меѓусебна соработка.
- Дали знаењето од Економскиот факултет при УГД ти помогна лесно да се приспособиш на работните обврски?
Знаењето што го добив од УГД дефинитивно ми помогна за поголема мотивација и уште поголема самодоверба. Особено да се биде прв практикант во голема компанија и во средина со луѓе кои имаат огромно искуство и знаење е голем чекор за секој студент.
- Дали ова е твое прво работно искуство?
Во однос на областа во која студирам, ова е прво работно искуство. Но во текот на студиите работев како проектен асистент во Инфо клуб - Штип, а тоа ми помогна да се навикнам на работни обврски и на поширок круг на луѓе.
- Дали мислиш дека праксата во голема компанија како „Џонсон контролс“ носи поголема предност при вработување и поголемо искуство отколку пракса во некоја помала фирма?
Праксата и искуството се важни независно од тоа дали студентот ќе има можност да биде во мала или голема фирма. Сепак, работното искуство во „Џонсон контролс”, кој е бизнис лидер во Источна Македонија, си има своја тежина и вредност за идни вработувања на младите кадри.
- Каде се гледаш себеси по завршувањето на студиите?
Себеси се гледам токму овде, во „Џонсон контролс”. Прекрасно дефинирана структура на луѓе, начин на комуникација и соработка, што е од особена важност за продуктивна работа и мотивација на некој млад кадар, како ние студентите.